„Денсерс јунајтед“: Покрај медалите во Полска, покажавме единство и другарство

Со повеќе награди од првенството во Варшава се вратија танчерите од танцовото и фитнес студио „Денсерс Јунајтед“.

Се работи за светско првенство на федерацијата WAFD (World artistic dance federation) во категории соло и дуо, но и европско првенство во групи и формации, каде македонското инклузивно студио се претставуваше со 38 танчери.

„Секој танчер играше во просек по 4-5 пати. Воедно, со нас патуваше и групата со лица со попреченост, кои освоија две први места. Односно, прво место во инклузивна група и прво место во формација. Исто така, детската група ни е европски првак и младинската група, тоа се деца над 16-17 години“, вели Сара Кочан од „Денсерс Јунајтерд“ во разговор со Радио МОФ.

Таа и Нермин Кочан ја претставуваа Македонија и како официјални судии на првенството.

„Имаше голема конкуренција, многу добри танчери, се играше два денови од 7 наутро до 2 навечер. Така да, траеше поприлично натпреварот“, раскажува низ смеа Кочан.

За неа е важно што клубот настапува инклузивно. Заедно со атипичните лица, репрезентацијата броела вкупно 64 луѓе и е радосна што сите покажале заедништво, настапувале како едно.

„Со резултатите што ги постигнавме котираме многу добро во светот, но покажуваме и друга страна на танцот, со која можеме да промениме животи. Затоа што тие лица со попреченост, на кои им се пееше химната, кои се качија на пиедесталот и беа рамо до рамо со најдобрите танчери – направија голем чекор. Нешто што повеќето од нас во животот не можат да го доживеат, а тоа е да освојат две златни медали на толкав голем натпревар со над 2.000-3.000 танчери. Тоа е огромен успех“, посочува Кочан.

Со нивниот танц, вели таа, ги презентираат и нивните можности и потенцијали. Истовремено, нас како држава не’ крева на едно друго ниво, бидејќи е приказ дека младите можат да танцуваат заедно. Особено што групите на клубот се мешани, лицата со атипичен развој танцуваат заедно со првата постава, со дечките над 16 години, кои им се тренери, воедно и соиграчи.

„Во ист тим заедно танцуваат на паркетот. Покажуваат дека ‘ние можеме, ние сме тие што сме двигатели, што го менуваме светот’. Тоа е најголемиот успех, покрај бранењето на титулите. Титулите се едно, но другарството и единството е уште поголемо. Таа приказна е поважна од самите медали. Барем лично за мене. Значи менување на општеството и менување на сликата за лицата со попреченост. Не треба инклузијата ‘некој друг треба да ја прави’. Не! Ние треба да мрднеме, да подадеме рака, заеднички, другарски. Заедно сме во се’“, потенцира Сара Кочан.

Бојан Шашевски