ОДАС: Резолуцијата за образовни асистенти и во средно образование е вклучена во новиот Предлог-закон

Средношколците кои учествуваа на првиот Национален средношколски самит во Република Северна Македонија донесоа Декларација со која се предложува обезбедување на образовен асистент за учениците со посебни потреби во средните училишта, која влезе и во новиот Предлог-закон за средно образование, информираат денес од „ОДАС – Организација за дијалог и афирмација на средношколците“, организатор на самитот.

Имено, станува збор за резолуцијата бр. 5 од темата ‘Достапноста на неопходните ресурси за успешно образование на средношколците им овозможува подобри академски резултати, подобро ментално здравје и поголем опсег можности за напредок во државата’ на Декларацијата која гласи: „Обезбедување образовен асистент за сите ученици со посебни потреби во средните училишта. Секое дете заслужува образование кое е достапно и инклузивно“.

„Со задоволство и радост сакаме да ги известиме средношколците дека нашата заедничка заложба за инклузивност и континуираните напори направија оваа резолуција да биде вклучена во новиот Предлог-закон за средно образование, во кој акцент е ставен на ангажирањето на образовните асистенти по истиот принцип како и кај основните училишта, во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование ќе биде утврдена како системско решение“, велат од ОДАС.

Инаку, во моментов, образовни асистенти за дел од средношколците со посебни потреби се обезбедуваат преку програмата за Општествено–корисна работа на УНДП со локалните самоуправи, Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за образование и наука претходно неделава информираше дека новиот Предлог-закон за средно образование е изготвен и наредната недела ќе биде објавен на ЕНЕР со што ќе биде достапен за дополнителни сугестии од граѓаните, институциите, граѓанските организации и здруженија.