МОН: Изготвени нови закони за средно образование и стручно образование и обука, од следната недела достапни на ЕНЕР

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека Предлог-законот за средно стручно образование е изготвен од страна на работна група и истиот следната недела ќе биде достапен на владиниот ЕНЕР систем.

Оттаму додаваат дека сите заинтересирани чинители ќе можат да дадат свој придонес кон креирање на најдоброто законско решение, согласно определбата на МОН за транспарентно и отчетно работење, а истовремено за изготвување на модерна и европска легислатива за дефинирање на стручното  образование и обука во земјава.

„За да се овозможи стручно образование кое ќе соодејствува на пазарот на трудот, со предложениот Закон се уредува концептот на дуално образование, а се прецизираат и одредбите кои се однесуваат на практичното образование, особено стекнато кај познат работодавач, сé со цел да се зголеми неговиот обем и квалитет. Преку решенијата предвидени во законот се врши рационализација на ресурсите на системот на стручно образование, а со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од фрагментацијата и дезинтеграцијата на установите за стручно образование и обука, кои досега ги земаа во предвид тесно локалните потреби, а не регионалните. Земајќи ја во предвид централната координативна улога која ја има Центарот за стручно образование и обука, кој се трансформира во Центар за развој на стручно образование, соодветно се интервенира и во неговите надлежности, за да може најдобро да одговори на новите задачи кои му се доверуваат“, посочуваат од МОН.

Од Министерството велат дека покрај овој Предлог-закон, изготвен е и нов Предлог-закон за средно образование.

„Покрај бројните нови права и можности за учесниците во воспитно – образовниот процес во средните училишта, централно место во процесот на креирање на истиот е ангажирањето на образовните асистенти, по истиот принцип како и кај основните, односно тие да бидат вклучени во наставниот процес како лица вработени во училиштата/ресурсните центри, а не како што досега беше пракса, истите да бидат ангажирани преку проекти или на товар на родителите на учениците со атипичен развој“, информираат од МОН.

Во нивното соопштение тие наведуваат дека овој Предлог-закон наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР и достапен за дополнителни сугестии од граѓаните, институциите, граѓанските организации и здруженија.