МОН: До крајот на првото полугодие средните училишта да ги надоместат изгубените часови

Од Министерството за образование и наука (МОН) известуваат дека повремените прекини наставата во средните училишта каде во изминатиот период имаше лажни дојави за бомби, мора да се надомести до крајот на првото полугодие.

„Училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно – образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови. Местото на учениците е во училишните клупи, интензивно работиме на подигнување на безбедноста во училиштата“, истакнуваат од Министерството.

Од МОН додаваат дека секој прекин на наставата го попречува правилниот развој на учениците, а Министерството во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано ќе продолжат да работат на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти.

„Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно – образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекување на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата. Се надеваме дека оние кои во повеќе наврати ја попречуваа работата на неколку училишта во Скопје час поскоро ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани“, додаваат оттаму.