Училиштето „Аврам Писевски“ доби сензорна соба

Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, вчера беше пуштена во употреба новата сензорна соба, наменета за децата со атипичен развој кои посетуваат настава во ООУ „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци, општина Карпош.

„Сензорната соба е донацијата од ИУТЕ кредит со чија поддршка, оваа просторија  е опремена со стимулативни и асистивни содржини со помош на кои треба да се поттикне аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот, како и кај основците со образовни потешкотии“, информираат од Карпош.

Од таму посочуваат дека преку соработката со Фондацијата „Чекор по чекор“ веќе се реализирани неколку инклузивни активности во општината.

„Во оваа пригода ги поканувам поединците и компаниите заеднички, партнерски да создаваме услови за среќни детства. Јас верувам дека со достапна и инклузивна средина, ќе може да ги развиваме потенцијалите на нашите деца, а тоа се потенцијалите на нашата иднина“, истакна помошник раководителката  на Секторот за дејности од јавен интерес во Карпош, Гордана Зафировска.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија, има за цел  да им помогне на учениците со aтипичен развој да ја подобрат својата инклузивност и пристапност во рамки на образовниот процес. На територија на општина Карпош покрај ООУ „Аврам Писевски“, со сензорни соби располагаат и училиштата „Димо Хаџи Димов“, „Вера Циривири Трена“, „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и „Лазо Трповски“.

Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ посочи дека на 20 месеци од спроведување на активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

„Со отворањето на  11 сензорна соба во рамки на проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’, придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца. Од особена важност е подобрување на условите во училишта како што е ООУ ‘Аврам Писевски’, каде скоро половина од учениците се под социјален ризик или имаат посебни потреби“, додаде Мишиќ