Астрономите открија карпеста планета со атмосфера

Астрономите, кои со години бараат карпести планети надвор од нашиот сончев систем со атмосфера, пронајдоа планета со површина од стопена карпа, пишува „Ројтерс“.

Планетата која според астрономите е „супер-земја“ не давала надеж за населување.

Според истражувачите, планетата наречена „55 Cancri“ или „Janssen“ е околу 8,8 пати помасивна од Земјата и орбитира премногу блиску околу својата ѕвезда, па како резултат на тоа нејзината површинска температура е околу 3.140 степени целзиусови.

Како што пишува „Ројтерс“, набљудувањата со инфрацрвени зраци со помош на два инструменти на вселенскиот телескоп Џејмс Веб укажале на присуство на „значителна“ атмосфера, која постојано се надополнувала со гасови ослободени од огромниот океан од магма.

„Атмосферата е веројатно богата со јаглерод диоксид или јаглерод моноксид, но може да има и други гасови како водена пареа и сулфур диоксид. Сегашните набљудувања не можат да го одредат точниот атмосферски состав“, рече планетарниот научник Рењу Ху од Лабораторијата за млазен погон на НАСА и Калтек, водечки автор на студијата, објавена во списанието „Нејчр“.

Планетата се наоѓа во нашата галаксија, Млечен Пат, на околу 41 светлосна година од Земјата, во соѕвездието Рак.

Светлосна година е растојанието што светлината го минува за една година.