„Златен објектив“ за аниматорката Тонкица Митровска и филмскиот композитор Љупчо Константинов

Кинотеката по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Оваа година, Управниот одбор на Кинотеката на Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика – за добитници на наградата „Златен објектив“.

Оттаму информираат дека признанијата и пригодните стилизирани значки на наградените ќе им бидат доделени на настанот што институцијата најавува дека ќе го организира во текот на месец мај.

Тонкица Митровска е една од првите кои работат на  анимиран филм во Македонија. Таа во нејзината кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови кои се во опусот на т.н. „Скопска анимирана школа“, односно на Студиото за анимација на „Вардар филм“.  Таа работела бројни анимиирани филмови меѓу кои  „Пецко“, „Стрелби“, „Буквар за писмени“, „Повлечи потегни“ и  „Луда птица“.

Љупчо Константинов е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика, се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број тв филмови, серии и драми, како и во над 60-тина театарски престави. Константинов има богат опус и во компонирање музика за телевизиски филмови и серии, каде што е ценет како исклучителен автор-соработник на врвни режисери од земјата и регионот.

Меѓудругото, негов е изборот на музика во делата „Хомо догматикус“, „Среќна нова ’49“, „Хај-фај“ и „Тетовирање“, „Македонска сага“ и „Ангели на отпад“.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ се: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.