Недела на италијански филм во Кинотека од 17 мај

Со проекција на играниот филм „Леб и чоколадо“ на Франко Брусати на 17 мај на сцената на летното кино „Мирно лето“ во Кинотека со почеток во 20 часот почнува Неделата на италијански филм, која ќе се одржи до 23 мај.

Од Кинотека информираат дека циклусот италијански филмови опфаќа наслови и теми поврзани со емигрантството – пред сè од економска природа или печалбарството, кои се реализирани од врвните автори во период од половина век, од 70-тите до поновата продукција од првата деценија на новиот век.

Истата вечер, пред отворањето на овој филмски циклус амбасадорот на Република Италија ќе го одликува директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија – одликување кое го доделува италијанскиот претседател по препорака на министерот за надворешни работи на Италија за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија.

Ангелов, кој досега бил уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија, со ова одликување ќе стане Витез на Витешкиот ред Ѕвездата на Италија (Cavaliere Dell’Ordine della Stella di Italia / Knight of the Order of the Star of Italy).

Во горчливата комедија „Леб и чоколадо“ на Брусати од 1973 се обработува сторијата за неприлагоденоста на италијански економски емигрант во Швајцарија (улогата ја толкува Нино Манфреди), кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет и постојано е во судир со полицијата бидејќи со неговиот нескротлив јужњачки темперамент ги вознемирува „студените“ Швајцарци, е вовед во тематската недела на италијанската кинематографија со емиграцијата како мотив.

Љубителите на филмот во рамки на програмата ќе имаат можност да ги гледаат и филмовите „Да ви се претставам? Роко Папалео“ на Еторе Скола со Марчело Мастројани во главната улога. Потоа, реалистичната драма во манир на „шпагети-вестерн“ „Сако и Ванцети“ на Џулијано Монталдо, наградуваниот „Новиот свет“ на Емануеле Криалезе, социјалната комедија „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“ на Луиџи Ѕампа, со Алберто Сорди, Клаудија Кардинале и Рикардо Гароне во главните улоги. Покрај нив, ќе се прикажуваат и современата приказна „Тробојката оди на гласање“ на Карло Вердоне; како и еден од најгледаните филмови во Италија последнава деценија „Добредојдовте на југ“ на Лука Минеиро , кој се занимава со т.н. „внатрешна емиграција“, односно вечниот судир меѓу италијанскиот Север и Југ.

Од Кинотеката посочуваат во случај на дожд, некои од проекциите наместо во дворот и летното кино, ќе се одржат на затворено, во кино-салата.

Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19 часот и проекциите се бесплатни и почнуваат во 20 часот. Проекциите ќе се одвиваат според препораките за заштита од Ковид-19.