По 60 години, втора премиера на „Мирно лето“ на Османли

Во петок, на 11 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“, на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.

Петочната проекција на филмот истовремено ќе биде пренесувана во живо, и ќе може да се следи на Јутјуб каналот, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека.

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.

Пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога „Мирно лето“ ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс. Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија,

Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Влезот на проекцијата во петок, на 11 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.

Оваа година навршуваат точно 6 децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика Фросина и Мирно лето. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа.