Проекција на францускиот филм „Старателство“ по повод 8 Март во Кинотека

Во вторник, 8 март, во 20 часот Францускиот институт во Скопје организира проекција на филмот „Старателство“ во Кинотека на Северна Македонија.

Филмот е со ангажирана тематика и се прикажува по повод 8 Март, Меѓународниот ден на женските права, а воедно е и прв настан од серијата активности во знак на одбележување на месецот на Франкофонијата.

„Старателство“ е филм на на Гзавие Легран, од 2017, со Леа Дрикер, Дени Миноше и Тома Жорија во главните улоги.

Филмот ја обработува темата за децата како жртви при бракоразводна постапка на родителите, но и за насилството во рамките на семејството.

Добитник е на бројни награди, меѓу кои и 4 награди Цезар: најдобар филм, најдобра женска улога, најдобро сценарио и најдобра филмска монтажа.

Филмот е со превод на македонски јазик, а резервации на билети се прават во Кинотеката.

Проекцијата ќе се одржи во согласност со здравствените ковид протоколи.