Заврши 12. издание на АKTO

Фестивалот за современи уметности АКТО се одржа викендов со Кино Култура и Железничката зграда во Скопје. Во текот на својата дводневна програма на 27 и 28 октомври понуди повеќе содржини: перформативно-истражувачки процеси, саем за независни музички изданија и музичка програма со неколку ДЈ сетови.

Фестивалот веќе некое време во континуитет има за цел да мапира простори кои некогаш биле во функција на граѓаните и културниот живот, а сега стојат запуштени и неискористени и покрај сиот потенцијал повторно да бидат управувани од граѓаните за нивните потреби. По акцијата за ревитализација на Офицерскиот Дом во Битола, фестивалот АКТО се пресели во Скопје каде што преку својата програма го сврте вниманието кон Железничката зграда на улица Борка Талевски, како едно уникатно културно наследство кое останало подзаборавено во текот на изминативе декади.

Проектирана од архитектот Михаил Дворников и изградена кон крајот на четириесеттите години, оваа зграда првично била наменета за луѓето вработени во Државната дирекција за железници – Скопје, по што и го добива името Железничка зграда. Распореденоста на становите околу еден заеднички централен двор, како и просториите наменети за колективни друштвени активности на станарите, како на пример кино салата на еден од горните катови на зградата, имаат за цел да воведат еден вид интегрирано живеење и намалување на чувството на изолација.

Перформативно-истражувачкиот процес насловен „Кога зградите би зборувале“ во авторство на Филип Јовановски, на интересен начин ја раскажа приказната за историското значење и уникатиот концепт на Железничката зграда. И тоа преку комбинација од актерска игра и директно учество на некои од станарите, кои на публиката и овозможија буквално да влезе во неколку станови и низ разговор со нив  „од прва рака“ да го доживее автентичниот дух на зградата. Оваа перформативно-истражувачка претстава премиерно се случи во склоп на придружната програма на годинешниот МОТ, а оваа сабота беше централен настан на 12. Издание на фестивалот за современи уметности Pop Up AKTO Акција.

Актерскиот тим во состав: Кристина Леловац, Тамара Ристевска, Ивана Павлаковиќ, Јасмина Василева и Благој Веселинов ги прошетаа гледачите низ комплексот, запознавајќи ги со редица интересни историски синхроницитети кои се случиле токму на таа локација. Турата заврши сомболично во старата кино – сала во која порано редовно се одржувале проекции на филмови за станарите. Иако има одличен потенцијал салата веќе одамна стои празна и запуштена, без никаква функција.

За крај на перформансот, актерите ги воведоа гледачите токму во таа сала, каде што се одржа концерт на Фолтин со цел барем на момент просторот повторно да заживее.  Овој пат како сајд-проект „Дејви Д Боуви и паднатите од Марс“, Фолтин изведоа препеви на песни од Дејвид Боуви, а за крај отсвиреа и по нешто и од својот репертоар.

„Е вакво Скопје сакаме, преубаво е!“, беа реакциите на присутните по завршувањето на настапот на Фолтин и турата низ зградата.

Сите се согласија дека е жално простори со таков автентичен дух и потенцијал да се остават на забот на времето без да им се најде соодветна фунцкија.

Филип Јовановски, автор на перформансот вели дека се надева дека овој простор ќе заживее повторно, а идејата на перформативно-истражувачкиот процес „Кога зградите би зборувале“ е да ја ангажира локалната заедница при адресирање на прашањето за јавното и заедничкото  наспроти приватните интереси.

„Железничката зграда како културно наследство 1946 година, со уникатни решенија за колективно домување директно се соочува со неприликите во овие неколку декади. На сомболично, како и на репрезентативно ниво, оваа зграда е соочена со неуспесите на одржувањето на мноштвото во активен однос при што се поставува прашањето – колку е важна и каде е загубена дијалошката структра во заедничките простори?“, вели Јовановски.

Станарите пак, се жалат дека иако честопати реагирале до надлежните институции дека автентичниот изглед на објектот пропаѓа, поради непрописните доградби кои го нарушуваат оригиналниот изглед и функцијата на зградата, ништо ефективно не е преземено во тој поглед. А фасадата пак, веќе одамна стои распадната и необновена.

„Порано оваа зграда беше препознатлива. Сега луѓето во Скопје не ни чуле за неа!“,  велат станарите.

„Кога зградите би зборувале“ е дел од регионалната иницијатива за реевалуација и зачувување на културните наследства Белград, Загреб и Скопје.

Од останатите содржини на фестивалот АКТО, во петокот вечер во Кино Култура се одржа ХНУ – истражувачко студио за храна, наука и уметност, кое преку процесот на готвење го преиспита текот од идеја до конечна содржина и поврзаноста на кулинарството со науката и уметноста. Готвеа: Кочо Андоновски, Денис Ампев и Кристина Леловац. Во текот на истата вечер, во Кино Култура беше поставен и АКТО Музички саем – штанд со македонски музички изданија на плочи – тренд кој е се позастапен и кај нашите издавачи. Целта на саемот беше да се отвори простор за промоција на македонските независни музичари и издавачи, каде што ќе можат да ги презентираат своите музички изданија и промо материјали. По 21 часот, во Кино Култура се одржа журка на плочи, со ДЈ сетови на Мирко Попов, Илина Ангел и Флудер.

Ова издание на фестивалот POP UP Акто АКЦИЈА го организира здружението ФРУ, во партнерство со Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, Здружението на текстилни, кожарски и чевларски работници Гласен текстилец Штип како и регионалните соработници „Фрлачи на сенки“ од Загреб и „Супервизуелна“ од Белград. ПОП АП АКТО АКЦИЈА  е поддржан од Министерство за Култура на РМ, Фондација Фридрих Еберт – канцеларија Скопје, и општина Центар.