Започнува кампањата „Родители на ЛГБТИ деца: Не сте сами!“

„Поминаа години, тој заврши основно училиште, почна средно училиште и еден ден нè седна на маса, цела фамилија, и ни соопшти дека е геј. Мојот сопруг, неговиот татко, е нешто најубаво што и се случило на нашата фамилија. Тоа што неговиот син има различна сексуална ориентација за него не беше ама баш никаков проблем. За него, нашиот син беше исто тоа прекрасно, вредно и работливо момче како и вчера. А јас, за мене не беше баш така. Првите мисли кои ми поминаа низ глава беа многу себични: „Што ќе речат наште пријатели и роднини?; Ќе не отфрлат ли или ќе разберат и прифатат?; А што ако се зарази со ХИВ вирусот?; Што ако западне во лошо друштво?; Може ќе почне да зема дрога?; Како јас како родител ќе можам да му помогнам полесно да ги преброди предизвиците што го чекаат, а не познавам ниту еден геј (барем така мислев тогаш)?“

Со овие зборови почнува интимното писмо испратено од родители на ЛГБТИ дете до македонскиот Центар за поддршка. Со цел да ја прослават различноста и визијата за општество во кое сите се прифатени, Центарот ја започнува кампањата „Родители на ЛГБТИ деца: Не сте сами!“.

„Неколку месеци ме мачеа овие мисли но, целото тоа време знаев со сигурност само едно, јас многу го сакам мојот син и не би сменила ништо кај него. Тој е млад човек со добри манири, вреден и неверојатно храбар. Тоа ме натера да помислам: Kолкава само храброст е потребна да се соочиш со твоите најблиски и да им кажеш нешто толку интимно за тебе; нешто што може да ги расипе семејните односи засекогаш? Тогаш борбата која ја водев со себе си беше завршена! Во меѓувреме се почувствував спремна да излезам и да кажам на целиот свет дека мојот син е геј и тоа е ОК.

Денес, нашиот син не се дрогира, нема ХИВ и има прекрасен круг на пријатели околу него. Тој е сè уште прекрасен млад човек со големи аспирации да остави позитивна трага врз иднината што доаѓа. Што се однесува до нашите пријатели и семејство, вистината е дека многу од нив си отидоа.„Не биле вистински пријатели“ – си помислив. Но, со тие што останаа во нашите животи, врската е многу посилна од порано. Дојдоа и нови пријателства, луѓе со интересни искуства, луѓе отворени и искрени, луѓе со кои времето како да лета кога ќе се сретнеш“, стои во писмото од мајката.

Од ЛГБТИ Центарот ги повикаа родителите кои поминуваат или поминале низ процесот на прифаќање и поддршка на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на нивното дете, да им се обратат на roditeli@lgbti.mk за да се поврзат и споделат искуства, чувства и прашања.

„Доколку имате потреба слободно и без било каква осуда да разговарате за она низ што поминувате и да слушнете други перспективи и искуства, ЛГБТИ Центарот ви стои на располагање“, стои во соопштението за кампањата.

ШтоТиТежи: Како да кажам некому дека не сум стрејт