Визуелните уметности во Македонија во 20 век

„Визуелните уметности во Македонија – ХХ век / Книга 2.: Мултимедијална уметност“ е насловот на публикацијата што ќе биде промовирана во четврток во Галеријата Остен во 19:30 часот.

Автор на публикацијата е Соња Абаџиева, а нејзин промотор е Небојша Вилиќ.

Оваа публикација се фокусира на строгата селекција на авторите од визуелните уметности во 20 век, кои ги обележуваат зародокот, развитокот и подемот на визуелната емпирија што ги изместува кодовите на вообичаените дисциплини во оваа сфера на творештво.

Акцентот е ставен на оние учесници во ликовното презентирање кои биле нагласено иновативни и поекспонирани на изложбите во државава и во странство, како аргументи подеднакво за нивната активност и вредносна стојност.

Книга 2 се фокусира на 42 творци (родени во периодот од 1936 до 1974): Лилјана Ѓузелова | Душан Перчинков | Никола Фиданоски и Симон Шемов | Виолета Блажевска и Богдан Грабулоски | Олга Милиќ | Симон Узуновски | Драгољуб Бежан и Милош Коџоман | Драган Петковиќ | Мице Јанкуловски | Венко Цветков | Глигор Стефанов | Елизабета Аврамовска – Бети | Петре Николоски | Милчо Манчевски | Станко Павлески | Исмет Рамиќевиќ | Роберт Глигоров | Златко Трајковски | Вана Урошевиќ | Јован Шумковски | Жанета Вангели | Антони Мазневски | Игор Тошевски | Искра Димитрова | Симонида Филипова Китановска | Мирна Арсовска | Виолета Чаповска | Роберт Јанкулоски | Ирена Паскали | Љупка Делeва | Елпида Хаџи Василева | Нада Прља | Оливер Мусовиќ | Моника Мотеска | Ана Стојковиќ | Игор Сековски | Славица Јанешлиева | Весна Стефановска | Христина Иваноска “