[Видео] Мати пред и по пожарите – Грчките власти со сериозни индиции дека се подметнати

Грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас, изјави дека постојат „сериозни индиции“ дека пироман ги предизвикал шумските пожари во близина на Атина, во кои 83 лица загинаа а повеќе од стотина луѓе се повредени. Уште многу луѓе остануваат исчезнати.

„Имаме сериозни индиции и значајни наводи кои сугерираат криминални активности од пироман“, изјавил Тоскас на пресконференција, додавајќи дека неговите информации се поддржани од сведочења собрани од полицијата, пренесува Еуроњуз.

Снимка од дрон, над грчкото крајбрежно место Мати, направена пред и по избувнување на пожарите ја покажуваат катастрофалната штета која ја предизвикал оганот.

Сега прашањата кои се поставуваат се причините зошто жителите не можеле да побегнат од пожарите кои го обиколија малото гратче.

Надлежните велат дека дел од одговорноста лежи во нелегалните објекти. Дел од жителите изградиле куќи помеѓу шумите, блокирајќи ги патеките за бегство.

„Можеби звучи чудно за луѓето од надвор, но во Грција имаме назив за недозволени или нелегални градби. Таквиот начин на градба предизвикува проблеми – ги стеснува улиците и го отежнува пристапот. Ова е една од причините за тоа што се случи. Со друг збор, автомобилите останале заробени и луѓето ги напуштале бегајќи кон морето“, изјавил генералниот секретар на општината Рафина, Васислис Питакис.

Првичната инспекција покажува дека повеќе од 500 домови биле оштетени во пошироката област, поголемиот дел од нив целосно уништени.

Од улиците биле отстранети повеќе од 300 изгорени автомобили за да се одблокираат тесните патчиња кои во понеделникот биле права смртоносна стапица.