Факултетот за земјоделски науки и храна на УКИМ со нова програма за дигитално земјоделство

Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје отвора нова студиска програма по Дигитално земјоделство во сорабортка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство– ФИНКИ, Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и Машинскиот факултет. 

Како што информираат оттаму, покрај запознавањето со земјоделските науки и храната, идните студенти ќе се стекнат и со експертиза во областа на информатичките технологии и дигитализацијата. Покрај тоа, со новите акредитации на факултетот ќе се воведе и задолжителен предмет Стручна пракса која ќе се реализира во соработка со стопанството.

„Студиската програма по дигитално земјоделство има цел да создаде дипломирани земјоделски инженери кои треба во следните години да го прилагодат земјоделскиот сектор во нашата држава кон новите модерни трендови и примената на дигиталните технологии, со што ќе придонесат за поефикасно и профитабилно земјоделско производство, конкурентно не само на нашиот, туку и на меѓународниот пазар. Оваа студиска програма ќе помогне во изградбата на нова генерација висококвалификувани млади професионалци со мултидисциплинарни знаења и вештини, способни за воведување применливи решенија и иновации во оваа значајна индустрија, но и во согласност со целите на стратегијата за паметна специјализација”, вели поранешниот декан и еден од иницијаторите за креирање на оваа програма, професор д-р Вјекослав Танасковиќ.

Преку оваа студиска програма од факултетот очекуваат да се продлабочи соработката меѓу академијата и бизнисот и да се развие човечкиот капитал со вештини за иновации во земјоделскиот сектор. 

Според проф. Танасковиќ, соработката со домашните стопанственици ќе помогне да се искористи потенцијалот на оваа студиска програма и да го претворат дигиталното земјоделство во реалност.

„За успешното реализирање на програмата, заедно со поддршката од неколку меѓународни соработки (IME, GIZ и SWG RRD) отворена е и нова Лабораторија за дигитално земјоделство. Оваа лабораторија е клучна за наставата на новата студиска програма по Дигитално земјоделство, но ќе се користи и за потребите на истражувачката дејност, како во функција на соработката со бизнис секторот и институциите“, вели професорот Танасковиќ.

Новата студиската програма за Дигитално земјоделство на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР).

Повеќе детали за програмата може да најдете тука.