ДСЗИ: Храната во „Пелагонија“ била безбедна, кујната продолжува со работа

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) информира дека храната во студентскиот дом „Пелагонија“ за која имаше сомнеж дека предизвикала труење на шестмина студенти е утврдена како безбедна.

„Сите 6 земени примероци од храна ги задоволуваат прописите за микробиолошка безбедност на храната“, соопштија од ДСЗИ.

На 28 декември 2022 година шестмина студенти, станари во студентскиот дом „Пелагонија“ до ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби пријавија дека имаат стомачни тегоби по што се отвори сомнеж дека состојбите се предизвикани од храната која студентите ја консумирале во домот.

Студентите за ручек јаделе варен грашок, со свинско и телешко месо и пудинг од ванила.

ДЗСИ во координација со ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство тогаш извршија увид во објектот по што кујната беше времено затворена.

Оттаму информираа дека по земените брисеви од работните површини на кујната било утврдено дека тие не се во согласност со микробиолошките критериуми за хигиена.

По издаденото решение, вчера (10 јануари) ДСЗИ повторно извршил инспекциски надзор во објектот по што кујната е повторно отворена.

„На 10 јануари 2023 година извршен е контролен инспекциски надзор по објектот – кујна на ДСД ‘Пелагонија’ при што е констатирано дека е постапено по сите точки од издаденото решение. Времената забрана престанува да важи и објектот продолжува со работа“, информираат од Инспекторатот.