Тетовската библиотека одбива да се пресели во полоши услови, а ако ги принудат најавуваат протест

Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово минатата недела добила писмена одлука од Владата да ги напушти просториите кои ги користи последните децении. Согласно Одлуката библиотеката има рок од 15 дена од стапување на сила на одлуката да се префрли во просториите на Факултетот за музичка уметност во Тетово, а својот сегашен простор треба да го отстапи на Делегацијата на Европската Унија за организирање европска куќа. 

Вработените во библиотеката незадоволни од ваквата одлука, одбиваат да ги напуштат просториите и предупредуваат дека ако бидат принудени на тоа ќе протестираат.

„Од овие 200 квадрати што ги имаме во моменталната просторија таму ни се даваат само 160 квадрати и тоа минусирајте 13 метри квадратни што се ходник и скали. Од лошо на полошо се оди“, се жалат од тетовската библиотека на одлуката.

Тие појаснуваат дека не се против одлуката за префрлање, туку против одење во простор со полоши и нестандардни услови за лоцирање на библиотека.

„Таму и основните работи не се обезбедени. Ние не сме против некоја одлука од Министерството или Владата за преселување, меѓутоа тоа треба да бидат подобри услови. Значи ние ги сакаме најосновните услови, немаме читална, немаме мултимедијална просторија, немаме посебна просторија за секакви активности, ние сме принудени за секоја активност, за секој проект да го реализираме на туѓо место. Ние ги бараме најосновните работи, меѓутоа сега за сега може да се истакне дека и ова е подобро од новото што ни го нудат. Сиве овие 20 години ние бараме подобри услови, а ни се дава нешто полошо“, коментираат од библиотеката.

Одлука на Владата / Порталб.мк

Тетовската библиотека располага со фонд од над 80.000 наслови, а како што велат библиотекарите, има 5.000 редовни читатели. Како што ни кажаа, дополнително се загрижени за посебните услови за чување книги.

„Има и закон за состојбата на книгата, во каква просторија треба да биде, кои степени, каква температура, влажноста и така натаму“, посочуваат од библиотеката.

За оваа установа долги години се ветува целосно нов објект кој започна да се гради пред девет години, но сѐ уште не е готов и оттаму не се знае кога ќе може да се вселат таму. Од друга страна преселбата сега значи голем чекор кој колективот одбива да го реализира со вака поставените услови.

„Ние сега за сега ќе останеме на тоа дека доколку на 15-иот ден кога ќе помине рокот на одлуката што треба да биде ние ќе протестираме, имаме намера да одиме до крај“, децидни се тие.

Министерството за култура ги демантира изјавите дека библиотеката ќе добие полоши услови за работа.

„Ова не го нарушува нормалното функционирање на институцијата бидејќи станува збор за простории со површина приближно иста со просториите каде што се наоѓаше библиотеката досега. Не е точно дека се работи за несоодветен простор, а доколку се оцени дека има потреба од некое реновирање или осовременување на просторот кој и досега се одржувал, ќе се разгледа и тоа прашање, со цел на никаков начин да не се загрози работењето на библиотеката. Нагласуваме дека не се работи за преместување во полоши услови од сегашните“, истакнуваат од надлежното Министерство притоа додавајќи дека до нив не се стигнати никакви писмени реакции од директорката и вработените.

За обезбедување соодветни алтернативни простории за библиотеката инсистирале и од Делегацијата на ЕУ. Како што изјавија оттаму за Радио МОФ, се обврзале да помогнат при преселбата за да се осигураат дека ќе е непречена и дека библиотеката ќе може веднаш да продолжи со својата служба кон граѓаните.

„Делегацијата на ЕУ планира да инвестира 290.892,07 евра за изградба на модерна европска куќа во корист на жителите на Тетово како и на младите од соседните општини“, информираа од Делегацијата.

Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ кому Владата со оваа одлука ги одзема просториите од Факултетот за музичка уметност, дадени на привремено користење, се огради да даде мислење за условите училниците на Факултетот што во следните десет дена треба да ги предаде на библиотеката.

Известување до библиотеката за ослободување на просториите / Порталб.мк

„Нашата установа веќе тие простории ги нема во користење. Во овој случај субјектите кои имаат право на користење треба да делуваат во согласност со актите кои веќе се донесени од Владата на РСМ“, кажаа од Центарот за култура.

Инаку, за преселување во новиот објект во кој треба да се сместат тетовската библиотека и театар и кој на Тетово му се ветува од 2010 година, Министерството за култура вели дека ќе биде готов и пуштен во употреба во 2027 година. Од буџетот за 2023 година се одвоени 116.979.000,00 денари, а проектот вкупно вреди 39 милиони евра. 

Новиот објект за театарот и библиотеката во Тетово / фото: Радио МОФ

Ангела Бошкоска