[Фото] Тетово викендов се „удави“ во ѓубре

Гајби со зеленчук, пластични шишиња и амбалажи од храна и хигиенски производи, зеленики и дворски растенија, кеси со облека, душеци и друга покуќнина расфрлани околу контејнери викендов го преплавија Тетово.

По една прошетка долж улицата Маршал Тито која се протега од плоштадот низ центарот до кружниот тек што води кон патот за излез и влез во Скопје, можеше да се забележат преполните контејнери чиј смет тетовци го гледаа и мирисаа неколку дена.

Откако контејнерите се наполнија во четвртокот, ѓубрето почна да се остава до и околу нив, а таква беше сликата на градот до саботата попладне кога конечно се исчисти. Слично беше и со помалите корпи за отпадоци сместени на тротоарите во центарот и другите делови од градот.

Радио МОФ минатата година пишуваше за конструкција наменета за селектирање капачиња која во центарот на Тетово наместо со капачиња беше полна со секаков друг отпад. Од иницијативата „Активирај се навреме“ кои ја поставија конструкцијата тогаш изјавија дека се надеваат дека што поскоро ќе го решат проблемот  како и дека се испратени екипи во Тетово да ја испразнат конструкцијата. Оттогаш не е поставена нова кутија за собирање капачиња, а на нејзиното место остана малата корпа за отпадоци која неминовно и викендов не беше испразнета од ѓубре.

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ