Стар Лагадин: Премиерот отворено поттикнува корупција со изјавите за изградба на спорниот хотел во Лагадин

Членовите на здружението „Стар Лагадин” се зачудени и разочарани од изјавите на премиерот Зоран Заев кој дава поддршка за изградба на спорниот хотел во Лагадин. На организираниот настан во Охрид насловен  „Силна економија – шанса за сите“, премиерот му ветува на инвеститорот на хотелот дека лично ќе се погрижи за продолжување на градбата.

„ Сметаме дека тој (премиерот) отворено се стави во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал кој ние граѓаните на оваа земја го именуваме како градежна или урбанистичка мафија. Видовме и слушнавме како премиерот му ветува на „чичко Никола“, со кого си разменувале приватни смс-пораки, дека тој лично ќе се погрижел градбата на неговиот криминален хотел непречено да продолжи“, револтирани се од „Стар Лагадин“.

Од здружението појаснуваат дека кон крајот на 2015 година, незаконски е суспендиран постоечкиот урбанистички план за населбата Лагадин со донесување на т.н. Општ акт со кој, како што велат „со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби, се овозможи не само почнувањето на градбата на овој хотел туку и натамошна тотална урбанистичка деструкција на населбата Лагадин со која населбата неминовно ќе претрпи трансформација налик на онаа која се му случи на скопското Дебар маало.“

Здружение во април 2017г. покренува инцијатива во Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на законитоста на Општиот акт за с.Лагадин и негово поништување. Уставен се уште не постапил по претставката.

„Не можеме да веруваме дека премиерот не бил запознаен со оваа околност, бидејќи со неа го имаме запознаено министерот Сугаревски кој беше исто така присутен на настанот во Охрид. Убедени сме дека правото и правдата се на наша страна и дека нашите сегашни и идни заложби се придонес во справувањето со корупцијата и сето она кое го перцепираме како градежна мафија, која со уништување на крајбрежјето со хиперурбанизација сериозно го загрозува статусот на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО“, посочуваат од „Стар Лагадин“.