ССНМ: МПЦ-ОА да не создава паралелен судски систем за новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку соопштение денеска посочи дека ги толкува како непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на, како што посочија, најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.

„ССНМ смета дека обвинувањата и ‘судската’ постапка (?!) во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња. Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи особено што со своето медиумско делување Марјан Николовски секогаш бил промотор и еден од главните, и најрелевантни информатори за состојбите во оваа, па и во другите религиозни групи во Македонија“, велат од синдикатот.

Оттаму, истовремено ја повикаа извршната власт и соодветните институции на будност да водат сметка и да го заштитат Николовски, но и загарантираната слобода на изразување, бидејќи на тој начин, како што додаваат, практично ги штити и интересите на граѓаните да бидат информирани од сите сфери, па и од религиозните.

Претходно, Здружението на новинари на Македонија се солидаризираше со Николовски и изрази поддршка за неговите напори во критичкото известување за религиозни прашања во полза на јавниот интерес.

ЗНМ се солидаризира со Марјан Николовски: Осуда на обидите на црковните власти да го замолчат критичкото новинарство