Вработените во ФЗО најавија генерален штрајк доколку не им се усогласат платите со растот на минималецот

Усогласување на платите со растот на минималната плата, како и нови членови на Управниот одбор кои ќе го одобрат усогласувањето, побараа вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) на денешниот предупредувачки протест и порачаа дека доколку не им се исполни барањето од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.

Претседателот на синдикалната организација на ФЗО , Бранко Аџигогов рече дека доколку до 15 мај не се преземе ништо ќе започнат со протести, од еден до два часа дневно во сите градови.

„На минатата седница од петокот, нашата точка за усогласување на нашите плати согласно Законот за минимална плата беше одложена на неопределено време односно после изборите, како што знаете во изминатиот период, вработените штрајкуваа со цел да им остане иста платата, применетата одлука од Владата после штрајкот се однесува на тоа дека платите ни остануваат исти до 31 мај, времето се ситни и остануваат само уште 30 дена додека дознаеме колку ќе имаме ние плата“, изјави Аџигогов и додаде дека станува збор за законска обврска која мора да биде исполнета.

Вработените во Фондот го искажаа и своето незадоволство од Управниот одбор кој според нив не си ја врши работата и ги држи во неизвесност. 

„Ние сакаме да го предупредиме овој состав на Управниот одбор да седне да си ја сработи својата работа и да ја донесе одлуката, да не нѐ држи во неизвесност. Со оглед на тоа дека изјавиле дека немаат намера до формирање на нова влада да донесат одлука останува прашањето зошто управниот одбор воопшто постои, би било поетички да си дадат отказ и да дојдат лица кои ќе си ја сработат работата“, рече Аџигогов.

Инаку, пред три месеци Фондот за здравство стапи во штрајк поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа владата донесе одлука тие да останат непроменети, по што штрајкот беше прекинат.

 

Симона Паскоска