ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ: Обидот за внесување страв и самоцензура кај новинарите нема да успее

Преку заедничко соопштение, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) најостро ги осудија, како што велат, грубите навреди и дисквалификации кон новинарите на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ).

Компанијата БРАКО испрати соопштение, чиј автор медиумските здруженија велат дека прави обид за цензура, наместо да ѝ образложи на јавноста, односно да демантира поединечни тези од емисијата, и да даде одговори за сериозните обвинувања, за кои има и тековни постапки на истражните органи.

„Според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување на економски моќни компании: ‘…монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата’, се вели во дел од соопштението. Ваквиот начин на комуникација недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ“, реагираат медиумските организации.

Тие, истовремено посочуваат дека изминатава недела имаше неколку реакции, меѓу кои и од јавното обвинителство, кои се однесуваа на споменатата истражувачка сторија, и сите,  наместо укажување или демантирање на објавените информации изобилуваat со дискредитации и навреди што е недозволива јавна комуникација.

„Ги повикуваме и медиумите да имаат општествена одговорност, да работат во интерес на јавноста и граѓаните, и да не подлегнуваат на притисоците кои економски моќници ги вршат врз сопствениците на медиумите“, велат медиумските здруженија.

Дополнително, најавуваат дека ќе ги информираат и партнерските здруженија, односно Меѓународната и Европската федерација на новинари за притисоците врз истражувачките новинари, за обидите за креирање на атмосфера на страв и недоверба кон медиумите.

„Потсетуваме дека доколку било кој граѓанин, вклучително и сопственици на компании или обвинители кои имаат некаков проблем со медиумска објава од било кој медиум, постојат законски механизми за заштита, како што е барање на исправка или демант. Освен ова на располагање се и медиумските саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија“, додаваат медиумските организации.

Инаку, соопштението на медиумските здруженија следува откако компанијата БРАКО за првпат се произнесе во јавноста, по објавувањето на последниот документарец на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој е потенцирано дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.

Од компанијата, пак, тврдеа дека објектите биле целосно изградени и предадени без забелешки по нацртите и документацијата од проектот на Светска банка.

„Сите 19 т.н. модуларни болници БРАКО ги изгради по стандардите пропишани во проектот на Светска Банка и документацијата на Проектната единица на Светската банка во Министерството за труд и социјала: вид на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн., без никакви технички отстапувања од нацртите кои БРАКО ги доби, за што постојат сертификати, приемни документи, потпишани записници и сите останати потврди и докази“, стои во реакцијата на компанијата.