Средношколци дебатираа дали средношколското организирање го унапредува образованието

Средношколците Тамара Илиоска, Михаил Насковски, Ана Угрова и Јаков Шаревски синоќа во Јавна Соба дебатираа на темата „Овој дом верува дека средношколското организирање (не) гарантира унапредување на образовниот процес“, на настан кој го организираа Младинскиот образовен форум (МОФ), Коалицијата СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Целта на дебатата е информирање на средношколците за средношколското организирање и собирање мислења и ставови во поглед на оваа тема, за тоа како организираното средношколско учество ќе влијае на целокупниот образовен процес, истовремено давајќи можност средношколците директно да учествуваат во решавање на ова прашање кое нив најмногу ги засега.

По завршувањето на јавната дебата, беа доделени награди на Андријана Пејчиновска, Ирена Пирковска и Божидар Николовски, трите победници на повикот за текстови, фотографии и илустрации на кој средношколци испраќаа авторски текстови, фотографии, илустрации или видеа поврзани со средношколското учество и организирање.

Младински образовен форум (МОФ), Коалицијата СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во соработка со Министерството за образование и наука и поддршка од Фондацијата Песталоци ја започнаа оваа иницијатива која произлегува од утврдената потреба за законско регулирање на ученичкото учество во образовниот систем за да се придонесе кон подобрен квалитет на живот на средношколците и развивање на нивните демократски капацитети и активно граѓанство.

Како граѓански организации, кои се релевантни во полето на детски права и учество на младите, отворија процес на консултации со сите засегнати страни преку локални дискусии во 14 градови во Република Македонија со вклученост на 520 луѓе од кои 320 ученици во средните училишта и 200 претставници на менаџмент на средни училишта, подрачни единици на Бирото за развој на образованието, единици на локалната самоуправа и родители.

Повеќегодишното искуство со работа и поддршка на средношколското организирање, како и последните 2 години посветени на директни консултации и дискусии за креирање на законските измени кои ќе го гарантираат учеството на средношколците, резултираа со предлог измени на Законот за средно образование.