СПУКМ повторно стои како координатор на проектите што се финансираат од ИКСА

Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ сепак, ќе ги координира сите прифатени студентите активности на УКИМ, покажува интерниот конкурс, објавен на веб-страницата на Универзитетот.

Овој документ е заверен на 29 ноември, односно истиот ден кога се одржа седницата на Сенатот, на која со 40 гласа „за“, два воздржани и само 8 „против“ беше одлучено да се укине членот со кој од факултетите се бараше да се координираат за своите проекти со СПУКМ. Со оваа одлука значително ќе се ограничеа ингеренциите на Парламентот.

Сенаторката Маја Стевановиќ во изјава за Радио МОФ вели дека се надева оти станува збор за техничка грешка.

„Не сакам ни да помислам дека станува збор за тоа некој да се осмелува да ја поништи волјата на 40 сенатори, односно одлуката на Сенатот на УКИМ. Се надевам дека оваа грешка во најскоро време ќе биде исправена“, рече таа.

Одлуката на последната седница на Сенатот гласеше дека студентските организации и факултетите во иднина ќе можат директно да конкурираат со свои проекти, поминувајќи низ три филтри, односно Комисијата за спорт и култура, Ректорската управа и Сенатот, како највисоко тело на Универзитетот.

Радио МОФ се обиде да го добие ректорот Никола Јанкуловски за да го праша зошто членот шест од Правилникот за распределба на средствата за ИКСА не е тргнат, и покрај одлуката на Сенатот, но тој не одговори на нашите повици, а во централата на Универзитетот не знаеја да ни потврдат.

Студентски пленум со видеопренос пред Ректоратот, ги праша студентските организации кои имаат право да конкурираат, дали навистина сакаат да добијат пари контролирани од СПУКМ.

„Сите студентски организации со седиште на Универзитетот можат да учествуваат на конкурсот, но останува прашањето, дали навистина сакаат да конкурираат за пари што ќе бидат контролирани од Студентскиот парламент, кој сам по себе е криминален и сака да ги земе парите за себе“, рече студентката Деа Здравковска.

Прашањето за трошењето на студентските пари го покрена токму Студентски пленум, откако јавно го објави последниот финансиски извештај на СПУКМ, кој покажа дека организацијата неодговорно трошела огромни суми.