Сенатот го ограничи влијанието на СПУКМ, проекти отсега ќе се финансираат под строги услови

Сенатот на УКИМ денеска одлучи да укине член од универзитетскиот Правилник за распределба на средствата за ИКСА, со кој од факултетите се бараше да се координираат за своите проекти со Студентскиот парламент. Со оваа одлука значително ќе се ограничат ингеренциите на Парламентот.

Оваа информација за Радио МОФ ја потврди сенаторката Маја Стевановиќ, која рече дека отсега студентските организации и факултетите ќе можат директно да конкурираат со свои проекти, поминувајќи низ три филтри.

„Членот во интерниот конкурс за финансирање проекти, на којшто пишуваше дека факултетите треба да ги координираат проектите со Студентски парламент, е тргнат. Останува одредбата дека факултети и студентски организации ќе можат да конкурираат, но ќе има филтер“, вели Стевановиќ за Радио МОФ.

„Сега кога ќе дојдат конкретните проекти има три филтери, првиот е Комисијата за спорт и култура, втор е Ректорската управа, третиот е Сенатот. Тие треба да се држат до одлуката на Ректорската управа, односно да не се финансираат се додека не се реши статусот“, подвлече таа.

Досегашната пракса е дека за културни и за спортски активности, конкурираат факултетите и студентските организации. Па така, на пример фестивалот „Скомрахи“, во организација на студентите од Факултетот за драмски уметности, како и спортските натпревари, мораа да се реализираат во координација со Студентскиот парламент. Но, токму поради нетранспарентноста при распределбата на средствата за ИСКА, овој член е отстранет.

Стевановиќ информира дека, на денешната седница на Сенатот, бришењето на членот го поддржале 40 сенатори, претставниците на Парламентот биле против, а двајца воздржани.

Прашањето за трошењето на студентските пари го покрена Студентски пленум, откако јавно го објави последниот финансиски извештај на Студентскиот парламент. Тој покажа дека оваа организација неодговорно трошела огромни суми за забави, телефонски сметки и авионски карти.

Студентски пленум: Илјадници евра за телефонски сметки и забави, СПУКМ неконтролирано ги троши парите на студентите