Словенечките медиуми предупредуваат на притисок од владејачките структури

Уредници на водечки словенечки медиуми денеска преку отворено писмо до домашната јавност, истакнаа дека нема да дозволат мешање во независноста на нивното известување, и покрај обидите на политичарите да се прикажат како пренесувачи на лажни вести за време на пандемијата со коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Свесни сме за нашата одговорност во актуелната здравствена криза и за неопходноста од мерките кои се носат и во другите земји во светот. Но, ова не може да биде алиби за обиди за политичко мешање во независноста на медиумските организации. Нема да попуштиме пред се почестите притисоци, ниту ќе ја менуваме нашата позиција на посветеност кон вистина и јавниот интерес“, наведоа тие во отвореното писмо.

Писмото го потпишале 22 главни уредници на водечки словенечки медиуми, вклучувајќи и уредници на информативни програми на јавни радија и релевизии, водеќки дневни весници и портали, Словенечката информативна агенција (СТА) и истакнати списанија и информативни портали.

„Кога станува збор за владината комуникација со новинарите за време на кризата со пандемијата на коронавирусот, Словенија се разликува од другите земји кои воведуваат строги ограничувања за контролирање на вирусот, во начинот на кој таа комуницира, бидејќи владејачката политика ‘директно или преку разни медиуми и други канали’ учевствува во дискредитација на медиумите и новинарите, кои ги ‘напаѓа, дискредитира и демонизира’“, велат потпишаните уредници.

„Таквиот начин на комуницирање со медиумите, со вметнувањето на невистинити позадини за тоа зошто нешто се објавува во медиумите, со ширење обвинувања дека медиумите објавувале ‘фејк њуз (лажни вести)’ за време на кризата или пропагирале спротиставување на владините мерки, новинарите и медиумите се ‘фрлаат во политичкиот ринг’. Последиците од ваквите напади врз медиумите имаат поразителен ефект врз целото општество“, наведуваат потпишаните уредници и предупредуваат дека не сакаат и нема да се согласат на тоа.

Во последните месеци словенечките медиуми се подложени на зголемен притисок од владејачките структури.

Премиерот Јанез Јанша во повеќе наврати преку социјалните мрежи ги напаѓаше медиумите дека се политички пристрасни, во корист на опозицијата и партиите на „крајната“ левица, барајќи кадровски промени во медиумите кои се формирани од државата.

Меѓудругото, владини претставници во повеќе наврати го обвинуваа јавниот радиодифузен сервис за ширење „лажни вести“, и дека јавната телевизија, некои од своите истражувачки емисии за набавка на медицинска опрема за борба со коронавирусот ги користела за пресметка со Владата и во обид да ја дискредитира во јавноста.

На медиумите честопати им беа упатувани и критики од властите дека премногу време им посветувале на демонстрациите против Владата, како и дека индиректно им давале поддршка.