„Скомрахи 2023:“ Идејата е да се покаже што сѐ може уметникот, а што сѐ не може вештачката интелигенција

Почетокот на ноември со години го резервираат „Скомрасите“, па така и оваа „Ноќ на вештерките“ останува засенета од бројните студенти – театролози и филмаџии кои од Европа доаѓаат во посета на скопскиот Факултет за драмски уметности (ФДУ).

Веќе утре започнува 31. издание на меѓународните студентски средби „Скомрахи“, овој пат со акцент на односот човекот (уметник) и вештачката интелигенција.

„Идејата е да се прикаже разноликоста што ја нуди човекот уметник денес наспроти вештачката интелигенција која сѐ уште го нема капацитетот да го замени човекот“, откриваат организаторите на годинешните средби.

Постерот за „Скомрахи 2023“

„Буквално за ‘Скомрахи’ освен темата направена со ВИ, сѐ друго е направено од човек. Не е користена ниту една друга вештачка алатка во текот на подготовките на овие средби со што се покажува дека во суштина не му треба ништо плус на човекот – тој е способен за сѐ самиот“, додаваат оттаму.

Скомрахи 2018

Познатото збирно место за студентите од ФДУ, но и штиците на кои тие ги даваат првите испити, ги прават првите грешки, а подоцна и дипломираат, „Академска сцена“ од утре до недела ќе биде „окупирана“ од студентски театарски трупи од околните и европските земји.

„Годинава имаме претстави од различен карактер – од испитни вежби по режија, до монодрама, корео-драма, испитни вежби по актерска игра од различни години, различен пристап – од класичен театар до постмодерен театар, до физички театар“, велат студентите.

Во официјалната програма се избрани 25 филма и 7 студентски пиеси за кои била одговорна неколку-члена комисија составена од студенти. Во тимот за организирање како што велат, се добредојдени сите, но на крај бројот на вклучени и активни студенти го одредуваат испитите и другите обврски.

Дополнително, овој пат на „Скомрахи“ ќе има изложби, работилници и предавања, а тука е и препознатливиот „СкомрахОФФ“ – музичка програма што ќе следува на крајот на секоја дневна програма.

Средбите во 2014

„Оваа година испративме околу 50-тина мејлови до академии од Балканов и Европа со апликација на која тие може  да се пријавуваат, што на некој начин е новитет за ‘Скомрахи’. Нема директна покана до академиите туку по пат на апликација одеше целиот избор. Добивме околу 30-тина пополнети апликации и од нив го направивме изборот“, раскажуваат од организацискиот тим.

Од филмовите ги избрале сите, но направиле селекција меѓу претставите и другите активности. Тоа делумно се должи и на скратената финансиска поддршка со која располагаат годинава, а која ја обезбедува Министерството за култура и Факултетот.

„Се крпиме“, велат со полу-насмевка студентите, додавајќи дека се потрудиле максимално да го исцедат она што го добиле.

„Некои од учесниците имаа огромна желба да се дел од средбите, а ние за жал не можевме сите што сакаме да ги поканиме, некои од нив се согласија и да го прават на своја сметка. Тоа е знак дека странците многу го поддржуваат ‘Скомрахи’ и е штета што не го добива заслужениот буџет, бидејќи е една од ретките вакви студентски средби на Балканот“, забележува тимот од ФДУ.

Тоа не ги спречува да ја продолжат традицијата што овие средби ја чуваат на сцена од 1988 година. „Скомрахи“ уште од тогаш го негува идентитетот на разменување искуства меѓу студентите, што прави да се разликува од околните фестивали на кои се доделуваат награди.

Отворање на средбите во 2018 година

„Во рамки на оваа година новитет е што секоја академија ќе има можност да се презентира, не само преку претставата и филмот со кој ни доаѓа, туку и преку неформален разговор односно преку прашања од публиката и модератор кој ќе ги води тие разговори. Целта е да се разоткријат сите детали околу едукативниот систем на којшто функционира академијата која доаѓа. Истото ќе го направи и ФДУ пред другите академии“, посочуваат студентите.

Средбите утре ќе ги отворат Скомрасите од претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ целосно изработена на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а ќе биде прикажан и студентскиот филм „Тага“ на студентката Тина Величковиќ. Потоа ќе следува забава во бифето на ФДУ. Влезот е бесплатен, а Скомрасите ги отвораат вратите за сите кои сакаат да наминат на дружба.

Ангела Бошкоска 

Фото: ФДУ