На едногодишно бебе му е вратен слухот во првото светско тестирање за генетска терапија

Британско бебе стана првото во светот на кого му е вратен слухот откако учествуваше во пионерско тестирање за генетска терапија, за што лекарите велат дека означува нова ера во лекувањето на глувоста, пренесува „Гардијан“.

Малечката Опал Сенди е родена со аудитивна невропатија, состојба која ги нарушува нервните импулси кои патуваат од внатрешното уво до мозокот и може да биде предизвикана од неисправен ген.

Но, по примање на инфузија што содржи работна копија од генот за време на револуционерната операција што траеше само 16 минути, 18-месечното бебе може да слуша речиси совршено и сега ужива да си игра со тапани-играчки.

Нејзините родители останаа „зачудени“ откако сфатија дека таа може да слуша.

„Навистина не можев да поверувам. Беше збунувачки“, изјави мајката на Опал.

Девојчето од Оксвордшир беше примено во Универзитетските болници на Кембриџ. Повеќе глуви деца од Обединетото кралство, Шпанија и САД се регрутирани за истата операција и ќе бидат следени во текот на наредните пет години.

„Резултатите од операцијата беа спектакуларни, толку блиску до нормална обнова на слухот. Се надеваме дека ова би можело да биде потенцијален лек. Имаше многу работа, децении работа…за конечно да видиме нешто што всушност функционира кај луѓето. Беше многу спектакуларно и по малку зачудувачки инспиративно. Чувството беше многу посебно“, изјави Манохар Бенс, главниот истражувач во клиничкото испитување.

Слухот му беше вратен и на уште едно дете кое примило генетска терапија на клиниките на Кембриџ.

Целокупното испитување се состои од три дела, со три глуви деца вклучително и Опал кои примаат мала доза од терапијата само во едното уво.

Следниот чекор е други три деца да примат поголема доза терапија исто така во едното уво. Тогаш, доколку се покаже дека е безбедно, повеќе деца ќе примаат дози и во двете уши истовремено. Вкупно, за испитувањето ќе бидат регрутирани 18 деца ширум светот.

Опал е првиот пациент на глобално ниво која ја прими терапијата, и е најмладата која досега примила ваква терапија.

Со обновата на нејзиниот слух, нејзините родители сега имаат нов, сладок проблем: едно од нејзините омилени хоби сега е да треска со прибор за јадење на маса, правејќи што поголема врева.