Избор на 10 видеа на Радио МОФ од 2023 година

Тимот на Радио МОФ во изминатата 2023 година направи повеќе видео приказни, со фокус на млади луѓе, активисти, креативци и борци за човекови права. Исто така, продуциравме видеа поврзани со животна средина, урбанизам, образование, култура… но и оние од серијалот „Мегафон“ и „Што е муабетот со?“.

Ова е избор на 10 наши видеа:

Гоце Мукевски и Благојче Пишмановски се дел од осумте волонтери кои живеат и работат во „Рето Надеж“, социјално претпријатие за рециклирање на стар мебел.

Како поранешни зависници од дрога тие зборуваат за нивното искуство во „Рето“, кое служи и како центар за рехабилитација и ресоцијализација.

Мукевски и Пишмановски заедно со другите волонтери и штитеници деновите ги минуваат во поправка и репарирање на стар мебел и бела техника, а нивните производи се нудат и во продавницата во скопското село Батинци.

Дуодрамата „Кенди“ во продукција на Театар „Златен Елец“ – независна и млада театарска екипа досега е поставена седум пати. Два пати е изиграна во рамки на театарски фестивали, од кои и на Фестивалот за Млад отворен театар (МОТ).

Идејата за „Кенди“ на режисерката Тамара Стојаноска е инспирирана по романот на Лук Дејвис – “Candy: A Novel of Love and Addiction“ и документарни материјали и авторски текстови од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Во „Кенди“ играат актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, а зад музичкиот пејсаж стои Лука Тошев.

На овогодишното, 48-то издание на #МОТ, ја добиваат театарската награда „БИШ“ за Најдобра независна театарска продукција, која годинава се доделува по втор пат. Со нив поразговаравме за независниот, млад театар, новата генерација театарџии, претставата „Кенди“ и наградата „БИШ“. Дуодрамата своја премиера имаше на 23 октомври во 2022 година.

Сигурно некогаш сте прочитале или слушнале за терминот Генерален урбанистички план, или скратено попознат како ГУП.

Но, што е муабетот со Генералниот план, што претставува тој, зошто е важен и како се одвива неговото донесување?

Во оваа епизода на „Што е муабетот со“ се обидувавме да ги појасниме овие дилеми, но и зборуваме за истечениот ГУП на Скопје и процесот на донесување на новиот.

Недостаток на вода, загадена храна, празни полиња… Ако се отвори рудник, жителите од Иловица и Штука велат дека не само нивните села, туку и целиот Југоисток и воопшто државата ќе има последици.

Оттука, во оваа епизода на #Мегафон, за важноста за зачувување на природата и самоорганизираноста на младите зборува 25-годишниот Мики Крстев од селото Штука, дипломиран правник и активист од иницијативата Младите на Штука-Иловица против рудникот.

Изминативе години во железничкиот сообраќај во земјава се укинати бројни линии, а целокупната состојба е очајна.

Последно, беа укинати неколку линии на релацијата Битола – Скопје, па така, во текот на денот возови сообраќаат само еднаш дневно, од Битола во 3:13 часот и од Скопје во 14:20 часот.

Тим на Радио МОФ се качи на возот од Битола, ама по 7 часа од предвиденото. На што се наидовме попатно, погледнете во видеото во продолжение.

Ивана Предеина е дел од десетиците украински бегалци кои учат македонски јазик. Поделени во неколку групи, Украинците двапати неделно, онлајн, но и во живо следат курс по македонски јазик во Црвениот крст во Скопје.

За тоа колку се слични двата јазици, но и како го доживуваат Скопје и Македонија, погледнете повеќе во видеото на Радио МОФ.

„Црвениот аларм е одамна вклучен“, велат пациентите со цистична фиброза кои бараат да им се обезбеди современа терапија и соодветни услови за хоспитализација.

Дел од нив заминуваат и во странство во потрага по терапијата, која Асоцијацијата за цистична фиброза бара да им се овозможи и во Македонија, а со тоа и нивното основно човеково право на лек и живот.

Јелена Милосављевиќ е толкувач на македонски знаковен јазик. Таа со својата работа и ангажман е гласот на глувите лица.

Во епизода од #Мегафон, по повод Меѓународниот ден на знаковен јазик, Милосављевиќ посочи дека глувите лица имаат поголема потреба од толкувач. Потреба за да отидат до доктор, банка, на обука, или до било која институција. Сепак, Законот за употреба на знаковен јазик од 2009 година е застарен, ги дискриминира и ги ограничува на само 30 часа годишно со толкувач.

Исто така, таа посочи дека македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран.

Планирањето на урбанизмот, сообраќајот, инфраструктурата и зеленилото во Скопје голем дел зависат од Генералниот урбанистички план (ГУП), кој моментално е во изработка, но недостасува се’ уште потребното учество на јавноста.

Радио МОФ истражуваше и анализираше, како ГУП-от може да даде нова шанса на градот, ако процесот се прави транспарентно и отчетно, а притоа стандардите во планирањето станат реалност, не само само да се мафта со нив кампањски.

Наместо гордо исправена, со превез на очите, со терезија и меч во рацете, Јустиција во Македонија е `рѓосана, искривена и со спуштени раце.

Вака божицата на правдата е прикажана на изложбата „Форми на системот“ на уметникот и правник Иван Аџиевски, каде токму во центарот се наоѓа оваа скулптура, заедно со 11 слики на кои се испринтани филозофски мисли и примери од судската практика.

Тој во #Мегафон посочи дека преку овие дела сака да покаже критика на коруптивниот, неправичен систем и да охрабри граѓанска акција за надминување на овој општествен проблем.

+Бонус :) 

Музеј на град Скопје сведочи за земјотресот што го погоди градот во 1963. Зелениот часовник, замрзнат на 5:17, е влез во временска машина. Внатре, освен сведоштва за катастрофата има и фрагменти од нова надеж.

Изложбата „Скопје – градот феникс“ на Зоја Богдановска ја одбележуваше шеесетгодишнината од катастрофата.