Новиот ГУП „заринка“ во Град Скопје, јавноста сѐ уште исклучена од процесот

Ако максимата „Колку повеќе јавни простори – толку повеќе демократија“ е некаква водилка на градовите што се стремат кон одржлив развој, тогаш Скопје сѐ потешко е претендент да влезе во таа група. Во Скопје изминатите неколку децении јавниот простор наместо ресурс стана роба за продавање, во маѓепсан круг меѓу локални моќници и слаби институции и корупција. Скопје сѐ повеќе е „начичкано“ со згради, без простор да дише, загушено во сообраќај, со паркови што стануваат паркинзи. Снемува дрвја, воздух и светлина. Градот расте неконтролирано, неквалитетно и нерамномерно. Ова е зборувано безброј пати, повторувано по конференции, ТВ дебати, Фејсбук-постови, апелирано од стручни лица или активисти, сѐ со надеж дека главниот град на Македонија ќе се насочува кон одржливо и хумано живеење. Нова шанса дава новиот Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2022-2032), кој практично ќе го уредува крвотокот на градот, но тој сѐ уште доцни. Јавноста нема увид што се случува со него, партиципативното тело е закочено во Град Скопје, додека планирањето и деталните урбанистички планови што ги носат општините, се усогласуваат со стариот формално истечен ГУП (2012-2022), донесен уште во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски. 

Еден план важи сѐ до усвојувањето на нов план без оглед на фактот што формално му истекла важноста. Но, од друга страна, еко-активистите веќе се изјаснија: доцнењето значи отворена врата за лоши ДУП-ови кои не се во склад со фактичката состојба во градот на даден потег. Плус меѓувремено имаше и нов попис, па планирањето практично се води според застарен план кој не кореспондира со податоците за жители.

Плус неажурирани податоци за зеленило, плус нови сообраќајници, плус уште е дозволено долж тие улици да се планираат фамозните „линиски центри“, огромни згради како „Настел“, објектот кај Мајчин дом или кулите кај „Холидеј ин“ што не влегуваат во параметрите на градска четврт – број на жители, густина на население и разни инфраструктурни потреби – со што одат контра начелата за хумано живеење.

Градоначалничката Данела Арсовска овој октомври го преполовува својот мандат, а вината за доцнењето на новиот Генерален урбанистички план (2022-2033) ја префрла кај нејзиниот претходник. Според неа, институции од Градот моментално се ангажирани да ја завршат целокупната документација што е неопходна за ГУП-от, за да може да се влезе во јавна расправа со граѓаните.

„Целата документација опфаќа период за да се заврши за изготвување од 42-48 месеци, а со оглед на фактот што таа не беше отпочната до 2021 година, е ова доцнење кое ние досега го имаме како такво. За да се заврши во рокот кој бил предвиден за нов Генерален урбанистички план, сето она кое е неопходно, требало да биде отпочнато наназад 42 месеци. Односно пред 2022 (годината за старт на новиот ГУП), 42 месеци во оваа постапка веќе требало да има одредени завршени фази“, одговори Арсовска кратко на прашање на Радио МОФ на прес-конференцијата по повод „Скопје европски град на културата 2028“.

Арсовска мораше да ја бараме на тематска прес-конференција, бидејќи Град Скопје ги игнорира нашите мејлови, а воедно немаме ниту одговор на телефонските пораки кај портпаролката Кристина Депо. Чекаме одговори и на нашe Барањe за пристап на информации од јавен карактер за финансискиот удел на градот.

Радио МОФ во меѓувреме реши да провери и испита каде е закочен овој процес, што всушност се прави и случува со ГУП-от. Затоа направивме еден времеплов, го евидентиравме сѐ она што го најдовме како информација поврзана со новиот Генерален план:

(За подобар преглед на телефон препорачуваме да го гледате хоризонтално)

Процесот за подготвување на новиот ГУП стартува на 21 септември 2020 со меѓусебен договор меѓу Град Скопје, претставуван од Петре Шилегов, со претставници на Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот.

Два месеци претходно, Градот има склучено договор со Архитектонски факултет за изработка на две студии и Планската програма за ГУП-от. Податоците од Бирото за јавни набавки велат дека тоа се случило на 2 јуни 2020-та, повеќе од една година пред мандатот на Арсовска.

Планската програма ја работел осумчлен тим на факултетот, секој стручен во различна област. Тие работеле на содржина на ГУП-от, методологија на изработка, програмски цели и стратегии релевантни за просторниот развој на Скопје, исто и на граница на плански опфат на ГУП.

Како раководител на тимот се води професорот Мирослав Грчев, кој за Радио МОФ вели дека сознанијата и анализите од студиите се интегрирани во Планската програма: она што постоело како грешка од стариот план, она што требало да се коригира, одбегне или надополни. Сепак, посочува тој, Планската програма се’ уште се влечка откако ја предале уште минатото лето.

„Ние оваа сложена и тешка методолошка работа ја правевме 2020-2021, ја завршивме во нашите рокови и ја предадовме. Практично, ја работеше целиот Институт за урбанизам при Архитектонски факултет. По правило во јуни 2022 требаше да биде готов ГУП-от, меѓутоа тие се занимаваа цело време со некои други работи и заборавија, ние дури ги потсетивме. Таму (Град Скопје) се погоди смената на градоначалниците, од кога дојде Арсовска и кај неа имаше период на тишина додека тој огромен механизам на градската управа почне да функционира“, вели Грчев.

За него нема сомнеж дека Планската програма треба да оди на разгледување пред партиципативно тело, во кое учествува јавност, експерти и невладини организации.

„Потоа Комисијата за урбанистичко планирање на Градот Скопје треба да ја прегледа и да предложи ако има идеја за измена. Тоа требаше да се случи пред да ја предадеме. А, откако ја предадовме лани, една година таа не е отворена за јавноста. Тоа е вон памет. Би требало да биде потврдена пред Агенцијата за просторно планирање да почне да планира“, посочува Грчев.

Член 44, Закон за урбанистичко планирање

(6) Во постапката на изработување, предлог планската програма се става на јавен увид на партиципативното тело, при што прифатливите предлози и сугестии на телото се вградуваат во планската програма.
(7) Градоначалникот на град Скопје, со решение ја одобрува планската програма за урбанистичките планови
, на предлог на комисијата за урбанизам
(9) Одобрената планска програма задолжително се поставува на веб страната на донесувачот, за увид на јавноста

Според Слободан Велевски, уште еден професор на Архитектонски факултет што учествуваше во Планската програма, важно е процесот да продолжи понатаму. Да може да се работи на следните фази на Генералниот план, нацрт-верзијата, да има јавни дискусии и презентации…

„Едноставно, треба да се движи планот. Планската програма е само еден сегмент во која учествуваше поголем тим. Правени се и голем број други студии. Лично ме интересира како ќе се развиваат јавните простори, зеленилото и градските центри во Скопје, особено со новата нацрт-верзија. Особено што постојниот (ГУП) во тој сегмент правеше големи проблеми“, посочува Велевски.

Фото: Радио МОФ

Партиципативното тело заглавено во вртлог

Во изборната програма на Данела Арсовска „За модерно Скопје“ во делот за новиот ГУП како стратешки документ стои „тој не смее да биде донесен зад затворени врати, без учество на врвни урбанистички експерти, здруженија на граѓани, но и сите заинтересирани и засегнати скопјани“ и дека „процесот на негово донесување ќе го отвориме за сите“.

За да се обезбеди инклузивност и јавност во процесот во ГУП-от, Законот за урбанистичко планирање бара токму задолжително формирање партиципативно тело. Сепак, телото како граѓански механизам е далеку од завршена работа, иако Деловникот за негова работа го усвојува Советот на Град Скопје на седница уште во јуни 2022, по што треба се изберат членови на јавен оглас.

Деловник за работа на партиципативно тело

Член 3
(1) Партиципативното тело се состои од 15 (петнаесет) членови.
(2) Членовите на Партиципативното тело се избираат од редот на членовите на комисијата за урбанизам на градот Скопје – 2 (два) члена, од вработените во градот Скопје – 2 (два) члена, од вработените во правното лице што го изработува урбанистичкиот план – 2 (два) члена, лица кои се претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на градот што ги претставуваат различните групи на граѓани и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот – 9 (девет) члена.

Активистката и советничка од Зелен Хуман Град (ЗХГ), Драгана Велковска, вели дека партиципативното тело претставува механизам преку кој може многу рано во текот на изработката на еден плански документ да се интервенира за да се спречат понатамошни штетни урбанистички планови по мерка на урбаната мафија. Неговата улога е консултативна, но има моќ за создавање јавен притисок.

„Во мај годинава, ЗХГ постави и советничко прашање до каде е процесот, но на тоа сѐ уште немаме одговор од Градот“, посочува таа, иако се изминати веќе четири месеци што според неа, претставува грубо прекршување на Деловникот кој предвидува одговорите да ги добиваат најдоцна за 10 дена од денот на поставувањето на прашањето.

Организацијата „Културно ехо“ веќе реагираше: три пати се пријавувале на повик со нивен член, но немаат никакво известување дали воопшто ќе се формира.

„А, тоа тело дефинитивно треба да биде гласот на граѓаните. Сите аномалии кои ги има во претходниот ГУП и во моменталниот тек и живот на Скопје – да се алармираат преку телото“, посочи Симона Димковска од „Културно ехо“ која работеше на проектот „Создаваме град, градиме иднина“ со фокус на Генералниот план.

Ако се погледнат јавните огласи на сајтот на Град Скопје, првиот повик е пуштен на 5 јуни, 2022 година. Поништен е поради техничка грешка – во огласот место „формирање“ требало да стои „избор на членови“ на партиципативно тело. За останатите три повици (16 февруари, 4 април, 5 мај 2023) нема објавено каков е епилогот.

Просториите на Град Скопје, фото: Радио МОФ

За застојот со телото, градоначалничката Арсовска одговорноста ја префрла кај градскиот Совет и Комисијата за верификација. Истовремено, претседателката на оваа комисија и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, дава своја страна на приказната. Според неа, Град Скопје четири пати противзаконски си го распишувале партиципативното тело и си го поништувала градоначалничката Арсовска, процес што го карактеризира како кривично дело.

„Граѓаните се интересираат, а за да почне нешто да функционира поврзано со ГУП-от мора да постои тоа партиципативно тело. Како советници баравме информации кога би започнала постапката, но не ни беа доставени, за пред неколку месеци да ни јават дека јас како претседател на Комисијата за верификација, која треба да распише оглас, морам да поништам оглас за партиципативно тело за кој не ни знам дека постоел!“, забележува Андоновска.

Вели, ќе распишат нов конкурс, тогаш кога ќе биде затворен овој четвртиов, во истиот момент кога ќе добијат на писмено од правен сектор, или од Арсовска, нешто што правно и законски ќе „држи“ за да можат да ја продолжат постапката.

„Им рековме – да, ние ќе откочиме процес, ќе подадеме рака, но ние ќе направиме нов оглас, согласно законските прописи, ама не можеме да ви го затвораме она што сте го отвориле, без наше знаење по четврти пат! Или дадете ни правно толкување, дека може нешто вакво да направиме, да се заштитиме и да не навлеземе во незаконска процедура… Бидејќи од правен сектор не добиваме одговор, туку од градоначалник, каде што таа вели ‘терајте по закон’. Добро, ако е ‘терајте по закон’, ние немаме право ова што го распишала да го поништуваме како Комисија, бидејќи ние не сме го распишале! И плус како Комисија треба да поднесеме за градоначалничката кривична одговорност за ова што го правела“, вели Андоновска, потенцирајќи дека на 5 октомври последен пат се сретнала Комисијата со членови од сите политички партии, но комуникацијата со градоначалничката и понатаму се врти во круг.

Што досега за ГУП-от има направено новото градско раководство?

Јавно достапните информации говорат дека во декември 2022, на седница на Советот на Град Скопје, се гласа Предлог-програма за финансирање изработка на урбанистички планови на Град Скопје во 2023 година. Во неа за изработка на новиот ГУП, за 2023 година, се предвидени средства во износ од 50.000.000 денари (811.955 евра), како и 15.000.000 денари (243.586 евра) за урбанистички проекти неопходни за спроведување на ГУП.

Во текот на имплементацијата и спроведувањето на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, преку изработка на Регулациските планови на генералниот урбанистички план и Деталните урбанистички планови, дефинирана е потребата за преиспитување и усогласување на ГУП со постојната состојба во просторот и стекнатите права од претходните плански документации заради обезбедување на одржлив развој на градот. Од нерамномерниот развој на градот во правец север – југ, произлезе потребата за редефинирање на содржините на сметка на рационално искористување на слободните површини во рамките на урбаниот опфат, додека од нотираните проблеми во сообраќајната мрежа како основен елемент на просторната комуникација произлезе потребата од идно визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура и нов транспортен модел на градот“, стои во образложението на Предлог-програмата, предложена од градоначалничката Арсовска.

Помалку од два месеци пред да биде гласана оваа Предлог-програма, во октомври 2022, преку системот за Јавни набавки е објавен договор на Град Скопје со ДЕКОНС-ЕМА ДООЕЛ. Тендерот е за „Изработка на Стратегија за развој на зеленилото во Град Скопје (2023-2033)“.

Радио МОФ во јули веќе контактираше со претставници од фирмата. Рокот е 12 месеци, а процесот е во тек, рекоа тие. Ангажиран е експертски тим, но се прави и во соработка со надлежните сектори во Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило. Стратегијата треба да е во согласност со Законот за урбано зеленило. Подготовката на овој документ не е директно поврзана со изработката на ГУП за Град Скопје (и не произлегува од него), но мора да биде комплементарен со него, заради идните проекции за развој и одржување на зеленилото во Скопје.

Покрај оваа студија, Градот дури годинава (2023) во февруари, април и мај склучил договори со уште три различни субјекти за документи што се нужни за новиот ГУП, после формалниот истек на стариот Генерален план. Се работи за сообраќајна и хидролошка студија, а третата е Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС).

Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ летото работеше на првите две од вкупно шест фази од СОЖС. Доколку ги добијат сите потребни документи поврзани со ГУП-от, вклучувајќи и нацрт верзијата (предлог ГУП), според нивните проценки до крајот на 2023 година би требало да се реализираат сите останати фази од изработката на СОЖС.

Од Градежен институт изостана одговор на динамиката на работа за нивниот дел, додека во договорот пишува дека тој трае 14 месеци, што значи крајниот рок е јуни 2024.

За сообраќајната студија, пак, е ангажирана 24 ИНГ ДООЕЛ од Битола. Нивната работа ќе потрае бааги подолго од останатите. Од таму прогнозираат, согласно динамиката утврдена во проектната задача и договорната документација, крајниот рок за комплетно завршување е март 2026 година.

Агенција за планирање на просторот го чека Градот да заврши со студиите

Генералниот урбанистички план на Град Скопје се изработува согласно договорените обврски меѓу Град Скопје и Агенцијата за планирање на просторот.

Радио МОФ два пати комуницираше со Агенцијата. Најпрво летото, кога потврдија дека веќе ја завршиле Документационата основа за ГУП-от, што претставува негова прва фаза. Таа е предадена до Град Скопје на 19 декември 2022.

Во неа се применети и интегрирани повеќе секторски студии:

-Студија за проблемите за спроведување и следење на реализацијата на ГУП на град Скопје 2012-2022 и за потребните податоци за изработување на ГУП на град Скопје 2022-2032
-Студија за можностите, потребите и идниот развој на градот Скопје
-Секторска студија за демографски развој
-Секторска студија за домување
-Секторска студија за економски перспективи
-Секторска студија за електро-енергетска и електронско комуникациска инфраструктура
-Секторска студија за гасоводна и топловодна инфраструктура
-Секторска студија за јавни дејности и институции
-Секторска студија за комунална инфраструктура и супраструктура
-Секторска студија за контакна зона на град Скопје
-Секторска студија за природните карактеристики на градскиот простор
-Секторска студија за природни непогоди, технолошки хаварии и заштита и спасување
-Секторска студија за развој на индустријата
-Секторска студија за туризам и угостителство
-Секторска студија за водоснабдување и одведување на отпадни води
-Секторска студија за заштита на културното наследство
-Секторска студија за природни реткости и предели
-Секторска студија за спорт и рекреација
-Развој на систем на центри и јавни простори на Град Скопје за Генерален урбанистички план (2022-2033)
-Заштита на животната средина на Град Скопје за Генерален урбанистички план (2022-2033).

Потоа, во изминатиов период, Агенцијата работи на Планската документација, која како составен дел на планот, треба да го комплетира нацрт планското решение (Нацрт-план) на ГУП-от. По негова изработка, тој треба да биде предаден до Град Скопје и институциите на увид, по што треба да следи процес на јавна и стручна расправа и ревизија. Одобрувањето на ГУП на Град Скопје следи дури по завршување на сите фази пропишани.

Меѓувремено, тврдат тие, се случуваат редовни состаноци со претставници на локалната самоуправа, комуникација со експерти и министерства.

„За да се обезбеди сеопфатност на сите области листата на секторски студии треба да биде дополнета со Сообраќајна студија, Хидролошка студија и Елаборат за заштитно конзерваторски основи, коишто се во фаза на изработка од надлежните институции и правни лица по барање и надлежност на Град Скопје. Агенцијата очекува во секој момент истите да бидат доставени од страна на нарачателот – Град Скопје“, велат од Агенцијата.

Проблемот е што Град Скопје студиите што ги напоменува Агенцијата ги има нарачано оваа година, а, пример, рокот за сообраќајната студија е дури 2026 година. Од сето ова доцнење произлегува дека, откако ќе поминат сите фази на подготовка и сите фази за негово донесување, веројатно новиот ГУП ќе стапи на сила некаде на половината на периодот за кој ќе биде донесен. Меѓувремено, експерти и активисти бараат да не се повторат грешките од стариот, кои ги има многу, за да може и новиов да има поинаква улога. Да се почитуваат стандарди и да не бидат само мртво слово на хартија, туку да донесе похуман третман на Скопје во однос на градење објекти, сообраќаен крвоток или обмислување на зелени и јавни простори.

Продолжува…

Бојан Шашевски, Мартин Колоски, Ангела Бошкоска
Техничка обработка: Даниел Евросимоски 

*ДОПОЛНУВАЊЕ: По објавување на темата, Град Скопје ни испрати листа на вкупно потрошени средства за склучени договори за документи и студии за ГУП-от 2022-2032.

Во листата се вклучени средствата кои веќе ги објавивме за изработка на: Планската програма со сите пропратни студии (5.996.250 денари, без вклучено ДДВ), Сообраќајната студија (25.824.300 денари со ДДВ), Хидролошка студија (5.043.320 денари со ДДВ).

Дополнително, од Град Скопје ни праија информација за документ „Заштитно конзерватоски основи на ГУП“ (вреден 8.127.764 денари), но тој го немаше на нашиот инфографик, бидејќи под тоа име не постои на Бирото за јавни набавки во делот „Склучени договори“, иако од Градот тврдат дека е договорен на 29.05.2023 со НУ Конзерваторски центар Скопје.

Од друга страна, во листата на Град Скопје изоставуваат два документи што Радио МОФ ги објави: Изработка на Стратегија за развој на зеленилото (вредна 1.799.500 денари со ДДВ, која не е директно поврзана со ГУП-от, но мора да биде комплементарна со него); Изработка на стратегиска оцена на влијаниего врз животната средина за ГУП (2.861.500 денари со ДДВ).  

***

Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада. 

Вториот дел од серијалот текстови поврзани со Генералниот план може го прочитате ОВДЕ.