Потпишан договорот за новиот Генерален урбанистички план за Скопје

Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање денес попишаа меѓусебен договор, со што почна процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје.

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, станува збор за еден сложен и сеопфатен процес. Новиот ГУП на Град Скопје 2022-2032 ќе биде изработен со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а директно ќе се вклучи Агенцијата за просторно планирање со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа.

„Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на период од една декада. Како таков се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот“, изјави Шилегов.

Тој потенцираше дека Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура.

Претходниот ГУП на Град Скопје, дополни тој, беше  усвоен 2012 година и оттогаш  до денес извршени се многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини.

„Како градоначалник лично се залагам за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување на одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација, соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард“, рече Шилегов.

Тој додаде дека во неговата  визија Скопје го гледа како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедување  чиста и здрава животна средина.

Петре Шилегов, фото: Град Скопје

Шилегов верува дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.

„Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци кои стојат во актуелниот и во претходните ГУП-ови. Минатата година кога со министерството ја договаравме оваа соработка за пример ја земав планираната јужна обиколница на градот, која, според моето слободно уверување, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изградба е потребно уништување на добар дел од Водно. Сосема на крајот ќе подвлечам дека до 2022 година истекува важноста на постојниот ГУП. Сметам дека процесот на изработка на новиот ГУП ги вклучува сите засегнати страни на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг“, нагласи Шилегов.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски нагласи дека со ГУП-от ќе се воведат  стандарди и нормативи, а ќе биде внимателно планиран од фелата, стручната јавност и граѓаните, за да се направи еден баланс во развојот и растот на градот.

„Она што е многу значајно за мене е што овој ГУП ќе започне да се работи според новиот Закон за урбанистичко планирање и според новиот Правилник за урбанистичко планирање, кои се сериозни алатки и даваат шанса на урбанистите и планерите целото свое знаење и искуство и нормативи ги вградат внатре во овој урбанистички план, секако заедно со партиципативни тела на граѓани, граѓански здруженија, организации… Секој оној што е заинтересиран да биде дел од овој процес преку јавни расправи и стручни расправи, но секако и преку двојно гласање во Советот, со што ќе се даде максимално на јавност и на тежина на изработката на овој план. Со овој Правилник и Закон, овозможуваме сериозна регулација и да ја запреме дерегулацијата на просторот, која години наназад низ се случува, пред се’ во Скопје и урбаните средини“, рече Бочварски.

Директорот на  Агенцијата за просторно планирање, Огнен Апостолски, пак, се надева и сигурен е дека нема да разочараме со ваква поддршка од Градот и соработката што ја имаат во континуитет.

„Исто и со новиот министер, кој по занимање е архитект, кој многу ќе придонесе за меѓусебната координација, и со помош на нашата фела. Би ги повикал сите фактори, да учествуваат со сугестии, да дадат придонес во изработката на овој важен документ. Да почнеме да работиме и да покажеме дека ќе го направиме тоа што сме се договориле“, потенцираше Апостолски.