[Интервју] Бошко Видоески: ГУП-от не е само цртеж во кој пробивате и консолидирате сообраќајници

Генералниот урбанистички план (ГУП) за Скопје кој требаше да се донесе во 2022 година е заглавен во институциите и иако сме на прагот на 2024 година, сѐ уште не може да се каже кога тој ќе биде донесен. Главниот град моментално се планира и расте според претходниот план донесен во 2012 година и така ќе биде сѐ додека не се откочи процесот за донесување на ГУП-от за 2022-2023. За тоа како влијае доцнењето на овој важен документ за изгледот и квалитетот на живот во Скопје, кои се грешките на минатиот и дали новиот ГУП е надеж тие да се поправат разговараме со архитект инженер Бошко Видоески.

Видоески има повеќегодишно работно искуство во најразлични архитектонски области, од кои најмногу се има задржано на проектирањето, особено на полето на станбената архитектура.

Како влијае доцнењето на Генерален урбанистички план за Скопје што требаше да се донесе во 2022 година врз животот на граѓаните, архитектурата, урбаното планирање, јавните простори, зеленилото?

Неблагодарно би било да се рече дека речиси и да не влијае тоа доцнење, од причина што не сум вклучен во планирањето за да знам дали ГУП-от кој е во изработка, навистина носи нова визија за развој на градот и нови можности за поквалитетен и посреќен живот на жителите. Лично, не сум оптимист за да верувам дека тоа е така, од причина што последните три ГУП-а носени по земјотресот, не нудеа некоја нова визија во планирањето, туку само ја наследија линеарната концепција на Кубеш во планот од 1948 година, врз која е инспириран и ГРП на тимот на Циборовски од 1965 година заедно со директивните разработки на Танге, Мишчевиќ, Венцлер, Доксијадис, Пота, Галиќ и останатите експерти вклучени во планирањето на постземјотресно Скопје. Од тој аспект, би рекол дека доцнење на било кој план кој нема некоја особена визија, па и не е преголем проблем. Искрено се надевам дека грешам во случајов.

Секако, подобро е да се следи предвидениот тек и да се почитуваат дадените рокови, подобро е да имате релевантен план, бидејќи секое истекување, без разлика дали зборуваме за ГУП или ДУП, отвора некои правни празнини и недоречености кои некому му одат во прилог, иако законската регулатива е експлицитна и вели дека последниот план (за даден опфат) е важечки сѐ до донесување на нов. Во секој случај, ако ништо друго, нов ГУП и те како е добредојден и заради неопходното документирање и дијагностицирање на состојбите, кои во Скопје, во последните десетина години навистина се влошија. Дали планот ќе ги препознае и прифати градските болести, останува да видиме. За целосно нивно лечење, можеби е доцна. Но, добро е ако видиме дека има намера за да се почне со терапија.

Дали имате забелешки за претходниот, а сѐ уште важечки ГУП за Скопје кои би требало да се надминат, поправат и да не се повторат со носењето на новиот?

Не треба да се биде експерт за да се каже дека ГУП-от од 2012 г., во најмала рака е несреќен. Со исклучок на одредени сообраќајни решенија кои беа изведени, како пробивањето на бул. „Никола Карев“ или проширувањето/продолжувањето на булеварите „Србија“, „Босна и Херцеговина“, „АСНОМ“ и слично, а кои помогнаа за растоварување на сообраќајните тесни грла кон некои од сателитските населби, речиси и да не може да се издвои нешто по кое ГУП-от од 2012 г. би бил запаметен како план кој навистина донел подобар живот на жителите и развој на градот во позитивна смисла. Напротив, повтори одредени дискутабилни решенија од претходните планови, особено на ГУП-от од 2002 година.

Имам впечаток дека планот од 2012 премногу се фокусираше на сообраќајни решенија, небаре планирањето е дисциплина која има за цел само да подобри услови во сообраќајот. Под сообраќај, речиси секогаш во Македонија се мисли само на автомобилскиот, за жал. Ценам дека недостасуваше сеопфатна визија за алтернативните видови на сообраќај, подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, недостасуваше визија за подобрување на јавниот транспорт и/или издржана и аргументирана визија за вклучување на дополнителен вид на јавен превоз, без разлика дали тоа би била некоја трамвајска линија или одреден друг вид на јавен транспорт, неважно дали шински или коловозен. Планот не понуди зголемување на зеленилото, напротив, во одредени четврти дури и ги намали.

Недостасуваше и фокус на рамномерниот развој на државата. Разбирливо е дека Просторниот план на Република Македонија е оној кој се грижи за тоа, меѓутоа ГУП-от на Град Скопје, иако е план од понизок ранг, може да даде рестрикции преку кои ќе го намали концентрирањето на население во главниот град и нема да ги исполни максималните капацитети предвидени во Просторниот план. Тоа се поврзува и со сеопфатна демографска и економска визија. Планот не е само цртеж во кој пробивате и консолидирате сообраќајници.

Ќе повторам, имам впечаток дека како и секое друго планирање во Македонија, така и генералното во Скопје, е подведено на некоја инерција, особено од независноста до денес. По инерција се решаваат сообраќајници, се пресметуваат број на жители, по инерција се мешаат намени со цел да задоволат различни страни, по инерција се пресликуваат решенија од претходните планови. Дури и да ни се чинат добри, времињата се менуваат, и на пример, ништо не ги спречува планерите да донесат одлука со која ќе заземат цврст и аргументиран став дека ќе дестимулираат автомобилски сообраќај со тоа што нема да шират или пробиваат булевари, и напротив, дури и ќе ги стеснуваат или претвораат во пешачки улици, а за сметка на тоа ќе го подобрат јавниот превоз и велосипедската мрежа, при што нема веќе да ги прават тротоарите непријатели на пешаците во лето – туку ќе им обезбедат дрвореди и дебели сенки во иднина.

Од друга страна, начинот на финансирање на општините е проблем при секое планирање – и сѐ додека нивниот буџет во најголема мера се полни од надоместокот за уредување на градежно земјиште, популарните комуналии, секогаш ќе се оди на зголемување на површините на градба. Поразително е што стремежот за обезбедување на повеќе станбени квадрати во деталните планови, неизбежно влијае на размислувањата и на планерите на плановите од повисоко ниво, иако планираат план од повисок ранг, а не ДУП. Како да чувствуваат притисок да зголемуваат население по секоја цена кај одредени градски четврти. Во секој случај, надлежните институции се должни да го испитаат степенот на реализација и спроведување на планот, притоа аргументирајќи зошто одредени важни и/или капитални аспекти од планот останале нереализирани.

Да не должам, би заклучил дека ГУП-от од 2012 не понуди ништо револуционерно, само наследуваше претходни решенија. Секој друг или сличен ГУП, кој нема да понуди нова, револуционерна и сеопфатна визија за тоа во кој правец се движи Скопје, ќе биде про-форма, формалност, а како таков, ќе биде помалку или повеќе – несреќен.

Може да ни посочите конкретни примери во Скопје за кои сметате дека се грешки (градби, простори)?

Скопје има многу грешки. Тешки и практично непоправливи грешки се направија со т.н. „Скопје 2014“. Се дозволи да се гради во појасот од 600 метри на коритото на Вардар, појас за кој експлицитно е наведено во регулативите од 60-тите дека е трусно подрачје поради локалниот расед. Таквото градење на предимензионирани, чудовишни габарити на левата страна од Вардар, освен опасно, е и проблематично од естетски аспект, бидејќи ја сведе реката на најобичен канал со тоа што визуелно го намали нејзиното корито, наспрема сега сокриениот објект на МОБ чие архитектонско обликување имаше баш таква намена – визуелно да ја зголеми реката кога ја гледате од кејот. Се наруши текот на реката со галиите внатре и непотребните пешачки мостови. Се дозволи Камениот мост, како историски симбол, наместо да се истакне, да биде засенет. Се затвори погледот кон Скопското кале.

Се упропастија значајни и наградувани претставници на модерната архитектура, преоблекувајќи ги во стрипорни фасади, како на пример објектот на Владата или ЕВН на плоштад. Грешки се случија и во Дебар Маало и Буњаковец, со несреќното зголемување на населението во тие населби, кое донесе тажна мансардна архитектура, предимензионирани габарити, небезбедни растојанија, нарушени визури, оневозможен пристап до сончева светлина, слаба проветреност, преоптоварени водоводни и канализациони мрежи. Нерешавањето на статусот на Маџир Маало си го направи своето – населбата се уништува и кубури со основни услови за живот, а празнината на потегот од НБРМ до Транспортниот Центар која гравитира кон бул. „К. Јосифовски – Питу“ се исполни со дивоградби и шнајдерски доделени површини за градба набрзина. Мостот „Беласица“ и улицата која води кон него мораше да дивергира во однос на логичната траса. Се исекоа дрвјата на булеварот „Св. Климент Охридски“ и се изгуби неповратно неговата улога на зелен коридор кој овозможуваше природна аерација поврзувајќи ги Водно и Вардар, а ширејќи го овој булевар Градот потврди дека на прво место му е неговата светост – автомобилот, не човекот.

Ваков сличен коридор кој бил предвиден да остане минимум изграден, а објектите да „тонат“ во зеленило е потегот City Mall – Градски Архив – СД „Гоце Делчев“. Ваквата концепција се наруши со изградбата на молот кој го зафати целиот блок во кој се наоѓа и големите згради северно од него, како и обејктите меѓу Архивот и студентскиот дом. Освен блокирањето на аерацијата од Вардар кон Водно, увидовме дека сообраќајниците во овој дел од градот немаат капацитет да ја примаат целата гужва кој ја создава трговски центар со толкав капацитет. Пополнувањето на празнините меѓу зградите со нови згради, намалувањето на зеленилото, претворањето на цели населби од маала со едносемејни куќи во населби со повеќекатници е исто така веќе доволно зборувана несреќна реалност.

Би ги набројал само Стар Аеродром како најрадикален пример за преголемо и нехумано зголемување на население на дадено подрачје; потоа Расадник, делови од Ново Лисиче и Аеродром, особено оние кои гравитираат околу булеварот „Србија“; просторите кои припаѓаа на касарната „Гоце Делчев“; уништувањето на високото зеленило кај Цветен Пазар и Паркот на новинарите, а не останаа имуни на енормно неаргументирано згуснување на урбаното ткиво ниту Кисела Вода, Чаир, Панорама, Карпош, Хром, Мичурин, Тафталиџе, Водно… Дискутабилни се и планерските решенија за подрачјата на некогашните фабрики „Треска“, „Карпош“, „Алумина“, како и паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“. Тажни се и габаритите меѓу Калето и р. Вардар, како и оние на новите факултети во некогашното зеленило пред Ректоратот на УКИМ, а спроти Мавровка. Последно во низата е зачестеното девалвирање на Скопската чаршија. Да не го заборавам ниту рушењето на Саемот и предимензионираниот габарит на East Gate Mall.

Среќа во несреќа е што темелите на градското планирање потекнуваат од време во кое актуелни биле одредени планерски модернистички и функционалистички парадигми кои заговарале огромни простори меѓу зградите, па на некој начин тоа ни ја дало сегашната „резерва“ на празни градски простори која еве веќе наголемо ја трошиме. Не велам дека не треба да се гради воопшто, но тоа треба да биде смислено, аргументирано, почитувајќи го затекнатиот контекст, внимавајќи на основните начела на урбанистичкото планирање – сонце, воздух, зеленило и вода, водејќи грижа за здравјето, мирот и благосостојбата на жителите, имајќи го предвид рамномерниот развој на државата, и конечно, градењето треба да биде согласно некоја сеопфатна визија за градот. Сметам дека таа отсуствува. Градот е кохерентен жив организам и треба да се третира како целовит.

Знаете ли за некоја конкретна студија/проект која е изработена како предлог што требало да се земе предвид при креирање на Планската програма за новиот ГУП?

Пред и при изработка на било кој план, особено на Генерален, мора да постојат низа на студии кои анализираат најразлични проблематики кои влијаат на планерскиот процес. Секој план се базира на хидролошки, демографски, сообраќајни, сеизмолошки, економски, социјални, студии за оценки на влијанието врз животната средина, анализи на ружата на ветрови на даден опфат, потоа разно-разни визибилити студии за потребите на целосно нови сателитски населби и друго. Во секој случај, постоењето на разни студии е и неопходно, не само поради тоа што нив ги налага и законската регулатива, туку и поради тоа што тие практично служат како документациони подлоги врз кои се базираат одредени параметри, решенија и предлози во планот. Ако сте кројач, не може да изработите фустан без да земете мерка од жената која ќе го носи.

Дали дел од тие студии се само формалност, колку да се рече дека постојат, чисто за да помине целата постапка како комплетна, е сосем друго прашање. Како фела сме сведоци дека тоа често е пракса овде. Студиите не се само за да постојат per sé бидејќи така налага легислативата, туку постојат за да бидат издржани, аргументирани, и да им помогнат на планерите да носат правилни планерски одлуки и решенија. Насоките во нив не треба да се игнорираат.

Лично, немам информации дали конкретно некои насоки во одредена студија била игнорирана при креирањето на Планската програма за ГУП-от. Неблагодарно е да зборувам неупатен. Иако за жал при анализи на други планови во минатото, сум бил сведок дека се игнорирани цели студии, а планерите немале стручен аргумент зошто не ги земаат предвид насоките во нив. Коректно е барем да се аргументира. Планот е и сеопфатна аргументација: ако како планер менувате намена, ако намалувате зеленило, ако зголемувате број на население, ако ширите сообраќајници итн. – за сѐ што може да го намали квалитетот на живот на жителите ви треба цврсти аргументи. Нека се и економски.

Ангела Бошкоска 

*Радио МОФ истражуваше за новиот ГУП на Скопје и што го кочи процесот на неговото донесување при што објави текстови во низа кои може да ги прочитате тука, тука и тука