По девет дена блокада приватните превозници ги тргнаа автобусите од пред Град Скопје

Приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Мак експрес“ по девет дена блокада вчера ги тргнаа автобусите што беа паркирани на булеварот „Илинден“ пред Град Скопје.

Ова доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција рече дека барањето за средба од приватните превозници ќе го прифати, но не под притисок и под уцени. Тој ги повика превозниците да го одблокираат Скопје за да може да се отвори можност за дијалог без притисок.

„Кога ќе се исполнат условите да имаме дијалог базиран врз основа на факти, врз основа на сите кои што се вклучени и кои што се надлежни да го решат проблемот и кога тој дијалог ќе започне без притисок, односно кога улиците ќе им бидат вратени на граѓаните на Градот Скопје, тогаш може да го одржиме состанокот“, рече Ковачевски и додаде дека на средбата мора да се присутни и надлежни органи од Град Скопје.

По ова, вчера директорот на „Слободна превоз“, Ленин Јовановски одржа прес-конференција на која како претставник на сите приватни превозници изјави дека во целост ќе го испочитуваат барањето на премиерот и ќе ја прекинат блокадата со цел да се пристапи кон институционално решавање на проблемот.

„Предложивме да она што го кажа премиерот се испочитува. Денеска после овој прес, сите автобуси коишто се на улицата да се повлечат за да му се овозможи простор на дијалогот којшто го предлага и којшто за нас се основа за средба на којашто, како што и самиот спомена дека ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од којашто и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда“, рече тој.

Јовановски се согласи на најавената средба тие како претставници на приватните превозници да ја презентираат целата документација со која располагаат.

„Прифаќаме и инсистираме практично и ние да на таа средба има претставници и од Градот Скопје како што тој предлага, меѓутоа нека има и од Јавното сообраќајно претпријатие каде пред него ќе ги соочиме аргументите со коишто располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветно запознаена“, напомена тој.

Приватните превозници тврдат дека градските власти им треба да им исплатат долг од над 90 милиони денари. Откако Град Скопје ги отфрли ваквите наводи, компаниите во знак на протест на 5 декември блокираа дел од клучните крстосници во Скопје. По четири дена тие ги тргнаа автобусите од крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и Црвен крст и паркираа на булеварот „Илинден“ кој до вчера беше блокиран во сите четири ленти, на потегот од позади Владата кон Карпош до „Алумина“.

[Галерија] Приватните превозници го блокираа Скопје