Дислокација на блокадите само на булевар „Илинден“ најавија приватните превозници

Приватните превозници, кои до неодамна беа дел од системот на јавниот превоз, донеле одлука од утре во 10 часот блокадите да се дислоцираат само пред бараките на Град Скопје, на булевар „Илинден“ кој ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потегот од позади Владата кон Карпош до „Алумина“, јавува Радио Слободна Европа.

Ваквата одлука доаѓа откако тие четврти ден по ред ги блокираат крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и Црвен крст, а и дел од булеварот „Илинден“ од потегот кај Градски парк до Зоолошката градина, што предизвика големи гужви низ поголемото централно подрачје во последните неколку денови.

Приватните превозници бараат од Град Скопје да им исплатат долг од над 90 милиони денари, додека во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на компаниите.