Раскинат договорот со „Слобода Превоз“ бидејќи не превезува патници, објави Град Скопје

Договорот со здружението на приватни превозници „Слобода Превоз“ денес е раскинат поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот, информираа од Град Скопје.

Во случајов, велат тие, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници.

„За жал ‘Слобода Превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат.  Ги повикуваме сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела.  Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми“, соопштува Град Скопје.

Од таму тврдат дека градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.

„Апелираме до ‘Слобода Превоз’ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на ‘Слобода Превоз’. Со уцени, нема договор“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Инаку, автобусите на „Слобода превоз“ заедно со „Макескпрес“ повеќе од една недела не сообраќаат по скопските улици. Тие тврдат дека не им се исплатени долгови, па за утре повторно најавија протест-блокада на дел од булеварот „Илинден“.