Студенти ќе го заживуваат неуредениот јавен простор во населбата Капиштец

Вкупно 25 студенти од С. Македонија, Германија, Албанија и Грција ќе направат времена интервенција во неуредено зеленило во населбата Капиштец, со цел да го заживеат јавниот простор.

Интервенцијата е во рамки на меѓународна летна школа по aрхитектура насловена “Социјална кохезија во урбаните соседства”, која од 5 до 9 септември се одржува во Скопје. Летната школа има за цел преку просторна интервенција да ја покаже важноста на одржувањето на заедничките јавни простори и активното учество на граѓаните во одржувањето на овие простори.

Како завршен настан во четврток (8 септември) од 19 часот предвидено е да се одржи мал собир во паркот со цел жителите да се информираат за можностите и благодетите на граѓанската активност и понатаму да иницираат одржување на овој простор.

Студентите ги покануваат сите жители од околината и сите заинтересирани да се придружат.

Настанот е во организација на Архитектонскиот факултет, Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и е финансиран од DAAD – Германска академска служба за размена во соработка со TU Dortmund University, Leibniz University Hannover, Co-Plan, Institut for Habitat Development, Tirana, School of Architecture, National Technical University of Athens, University of Thessaly, Volos и Elliniki Etairia.