Претстави и филмови на студенти од 15 земји на годинешните „Скомрахи“

Факултетот за драмски уметности Скопје (ФДУ) ги најавува 31. меѓународни средби на студенти „Скомрахи“ кои започнуваат неделава. Отворањето ќе биде во среда (1 ноември) со проекција на филмот „Тага“ од Тина Величковиќ и изведба на претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ режирана од Борис Василески.

И филмот и претставата се целосно изработени од студентите на ФДУ, а публиката ќе може да ги погледне на сцената на Драмскиот театар во Скопје.

Оваа година од 1 до 5 ноември на сцените на факултетот ќе бидат прикажани осум театарски претстави и 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран и Германија.

„Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот СкомрахОФФ, музичка програма и забави во бифето на ФДУ. Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите Скомраси. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите ‘улоги’ во уметноста во новото време, што се одликува со се поголема ‘улога’ на вештачката интелигенција“, велат домаќините од Факултетот за драмски уметности.

Целата останата програма на средбите е објавена на социјалните мрежи и веб-страната на ФДУ, а публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани.

Средбите се поддржани од ФДУ/УКИМ и Министерството за култура на С. Македонија.