„Запознај ја студентска Словенија“ – информативен настан во Скопје за идните студенти во Словенија

Македонската студентска организација во Словенија (МСОС) организира настан со цел информирање и поддршка на идните студенти од Македонија кои решиле образованието да го продолжат во Словенија, како и нивно информирање за организацијата и нејзините цели. Настанот ќе започне од 18 часот во понеделник (18 септември) во просториите на дирекцијата на НЛБ Банка.

Со овој настан, како што велат од МСОС, сакаат да ги охрабрат идните студенти за нивната одлука, како и да им дадат чувство на безбедност и сигурност во остварувањето на нивните цели.

„Настанот официјално ќе започне со воведен говор на настанот. Потоа претседателот на организацијата ќе се обрати на публиката со поздрав, а потоа еден од претставниците на организацијата ќе ја претстави нејзината структура и цели. Во третиот дел од настанот ќе се одржи презентација на тема ‘Животот на еден студент во Словенија’ каде што ќе се опфатат теми од сите аспекти на студентското живеење, предизвиците и предностите. По презентацијата ќе се одржи панел дискусија на тема ‘Запознај ја студентска Словенија’. Панелот е составен од студенти од различни бранши и различни универзитети во Словенија. Настанот ќе се заврши со неофицијално дружење и вмрежување. Како гости на настанот ќе присуствуваат претставници од Амбасадата на Република Словенија и претставници од НЛБ АД Скопје“, соопштија од МСОС.

Инаку, МСОС е неформална и непрофитна иницијатива на студенти од Македонија кои студираат во Словенија со цел да здружи повеќе од 1.500 студенти и да им помогне во надминувањето на предизвиците со кои се справуваат во текот на студиите.