Италија им забрани на невладините организации да ги користат аеродромите во близина на мигрантските рути

Италија забрани летови на авиони кои ги користат невладините организации за следење на бродовите со мигранти во неволја, од аеродромите на островите Сицилија, Пантелерија и Лампедуза, пишува „Ројтерс“

Ваквата одлука, која ја објави Италијанската управа за цивилно воздухопловство (ЕНАЦ), значително ќе им ја отежни работата на невладините организации да ги користат своите мали авиони за пребарување на централниот Медитеран.

„Ова е чин на кукавичлук и цинизам на оние кои ги криминализираат невладините организации за политичка пропаганда“, изјавија од организацијата „Си воч“ на социјалната мрежа Икс, и посочија дека и понатаму планираат да им помагаат на мигрантите во неволја.

ЕНАЦ соопшти дека тие авиони се „неоправдани“, претставуваат товар за службените спасувачки тимови и можат да ја загрозат безбедноста на мигрантите без документи.

„Овој напад, кој го гази меѓународното право, нема да не одврати да продолжиме да ги попречуваме оние кои претпочитаат да го чуваат во тајност она што се случува секој ден во Медитеранот“, додаваат од „Си воч“.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја презема должноста во 2022 година ветувајќи дека ќе го сузбие пристигнувањето на емигранти од Африка.

Оттогаш, нејзината влада го отежнува работењето на хуманитарните бродови во Медитеранот, и го ограничува бројот на спасувања што можат да ги извршат.