Спасувачкиот брод за мигранти на Бенкси запленет во Италија

Спасувачкиот брод за мигранти, кој е финансиран од британскиот уличен уметник Бенкси, е запленет на италијанскиот остров Лампедуза поради новите политики за гранична контрола кои ги воведе крајно-десничарската Влада на премиерката Џорџа Мелони.

Бродот ќе остане таму 20 дена и нема да може да замине на нова спасувачка мисија во период кога мигрантите стигаат до италијанскиот брег во рекордни бројки.

Розовиот брод, кој претходно припаѓал на француската морнарица, е наречен „Луиза Мишел“ по француската револуционерка и анархистка, и беше блокиран од италијанските власти во саботата по спасување на 178 мигранти. Според нив, активистите на бродот го прекршиле владиниот декрет поради тоа што извршиле повеќе спасувачки акции – вкупно четири.

Екипажот на бродот, пак, на Твитер напишаа дека иако на местото имало италијанско пловило, властите не интервенирале доволно брзо за да им помогнат на мигрантите кои биле во водите.

Новиот закон, изгласан во Јануари, ја комплицира работата на невладините организации кои помагаат во спасување на мигранти во Средоземното Море. Според декретот, невладините организации мораат да ги известат италијанските власти веднаш по спасувачка операција и итно да се упатат до пристаништето кое ќе им биде посочено од граничните служби. Бродовите не смеат да се вклучат во повеќе од една спасувачка операција доколку не добијат дозвола за тоа од италијанските власти.

Доколку овие правила се прекршат, на бродовите може да им биде забранет пристап до италијанските пристаништа до два месеци, а капетаните се соочуваат со казна од 10 до 50 илјади евра. Доколку бродот ги прекрши овие правила повеќе од еднаш, пловилото може да биде запленето од италијанските власти.

„Единствената цел на законот-декрет е блокада на спасувачките бродови, свесно ризикувајќи смрт на луѓето кои се движат“, напишаа активистите кои работат на „Луиза Мишел“.

Во одбрана на активистите се приклучија и други невладини организации кои го осудија потегот на италијанските власти.

„Оние кои спасуваат сега се санкционирани во Италија со 20 дена притвор. Додека тела излегуваат на италијанските брегови, цивилните спасувачки бродови се блокирани. Овој италијански декрет ќе води кон уште повеќе жртви во Медитеранот“, напишаа од „Си-Воч Интернешнал“.

Италија регистрираше рекордна бројка на мигранти кои пристигнале на нивна територија изминатиов викенд, со преку 4.000 пристигнати луѓе во три дена. Бројот на луѓе кои гинат на Медитеранот исто така е зголемен. Туниските крајбрежни служби информираа дека пронашле најмалку 29 тела на луѓе кои починале откако два брода со мигранти потонале на брегот на државата.