Најмалку 59 мигранти загинаа во бродолом покрај брегот на Италија

Најмалку 59 мигранти, меѓу нив и 12 деца, загинаа откако нивниот брод потонал во море на југот на Италија.

Пловилото се распаднало додека тие се обидувале да стигнат до брегот во близина на градот Кротоне. На бродот имало мигранти од Авганистан, Пакистан, Сомалија и Иран, а меѓу починатите има и бебе, потврдија италијанските власти, пренесе Би-Би-Си.

Министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Пјантедоси, изјави дека уште 30-тина луѓе се водат како исчезнати.

Крајбрежната стража информираше дека 80 луѓе биле пронајдени живи, но не е целосно јасно колку мигранти имало на бродот кој испловил од Турција пред неколку денови.

Спасувачките служби за АФП изјавиле дека бродот можел да носи и повеќе од 200 луѓе, што значи дека судбината на околу 60-тина лица е непозната.

Според информациите пловилото потонало откако удрило во карпи при невреме по што следувала голема спасувачка операција на море и на копно. Видео снимки покажуваат остатоци од уништениот брод кои отпловиле до плажата, а меѓу нив може да се видат и делови од трупот на пловилото.

Преживеаните биле завиткани во ќебиња со помош на хуманитарните работници од Црвениот крст, а дел од нив биле префрлени во болница.

Еден од преживеаните бил приведен поради криумчарење мигранти, потврдија од италијанските царински служби.

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, која беше избрана минатата година со ветувања дека ќе го спречи приливот на мигранти во Италија, рече дека чувствува „длабока тага“, а за смртта на мигрантите ги обвини криумчарите.

„Нехумано е да се разменуваат животите на мажи, жени и деца за цена на „билет“ кои тие го платиле со лажна привидност на безбедно патување“, изјави Мелони.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изрази жалење за инцидентот додавајќи дека „загубата на живот на невини мигранти е трагедија“. Таа додаде дека е од клучна важност да се засилат напорите за реформирање на законите за азил на ЕУ со цел да се надминат предизвиците поврзани со миграцијата во Европа.

Според организациите кои мониторираат, повеќе од 20.000 луѓе загинале или се водат како исчезнати во морињата во централниот Медитеран од 2014 година.