Мигрантите смрзнуваат, немаат ни храна – продолжува кризата на полско-белоруската граница

Ирачката амбасада во Москва објави дека е подготвена да ги евакуира сите свои државјани од Белорусија кои сакаат да се вратат во земјата. Илјадници мигранти, главно од Ирак и Сирија, со недели неуспешно се обидуваат да влезат во ЕУ. Кризата која се заканува да ескалира во војна не се смирува, пишува „Н1“.

Уште еден ден во неизвесност. Во ледените денови, без храна и сместување, илјадници мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија се обидуваат да преживеат. Многумина од нив во импровизирани кампови се болни и ранети.

Полска пријави најмалку седум смртни случаи на мигранти во последниот месец. Полското Министерство за одбрана објави снимка на која се слушаат дури и деца како молат за премин, додека граничарите им велат да се вратат во Белорусија.

Невладините организации ги обвинуваат властите на двете земји за нехуман третман на бегалците, кои насилно се протеруваат или враќаат во Белорусија.

„На професионалните хуманитарни организации мора да им се овозможи да работат, пред се на белоруската страна, но и Полска ни ја затвори граничната зона“, вели Иво Лос, претставник на невладина организација.

Ако Минск ги инструментализира бегалците, Варшава и ЕУ ги ставаат нивните страдања во контекст на политизација.

„Гледано од дистанца, настаните на полско-белоруската граница можеби изгледаат како мигрантска криза, но тоа не е мигрантска криза. Тоа е политичка криза предизвикана со посебна цел да се дестабилизира ЕУ. Тоа е државен тероризам“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

На затворен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, соседните земји на Белорусија и другите членки на ЕУ изразија страв дека ситуацијата ќе ескалира до тој степен што ќе прерасне во воен конфликт.