Полска апси мигранти кои се обидуваат да влезат во земјата – стотици луѓе се подготвуваат да се вратат дома

Тензиите продолжуваат на полско-белоруската граница. Полските војниците привеле околу 100 мигранти кои нелегално преминале во Полска, додека стотици други се пријавиле за летовите за Ирак, јавува „Радио Слободна Европа“.

Полската армија го обвини Минск дека го предводела бранот на десетици мигранти преку граница во раните утрински часови, дел од група од илјадници бегалци од Блискиот Исток кои се собираат во близина на полско-белоруската граница.

Министерството за одбрана на Полска соопшти дека белоруските сили извршиле извидување и потоа дека наводно ја оштетиле граничната ограда.

„Потоа Белорусите ги принудија мигрантите да фрлаат камења по полските војници за да им го одвлечат вниманието. Обидот за преминување на границата се случи неколку стотини метри подалеку“, додаваат од Министерството.

Процепот на границата е направен неколку часа пред 431 мигрант да се качи во авион од Минск за да се вратат дома.

Министерството соопшти дека групата, главно составена од ирачки Курди, требало да полета од главниот град на Белорусија во 13:45 по локално време, но дека летот бил одложен од неутврдени причини.

Брисел го обвини авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко дека ја поттикнал мигрантската криза како одмазда за неколку рунди санкции на ЕУ против неговата влада поради репресија врз мирните демонстранти на протестите кои избија минатата година ширум Белорусија.

Ирачаните, особено Курдите, сочинуваат голем дел од илјадниците мигранти за кои се проценува дека стигнале во Белорусија додека бараат начин како да стигнат во Европската Унија.