Заробените мигранти на полско-белоруската граница во многу тешка ситуација

Мигрантите кои кампуваат во пограничната област последниве неколку денови останаа заробени на полско-белоруската граница, пренесува „Н1“. Многумина од нив се болни и ранети, а кампуваат на многу ниски температури во камповите што сами ги импровизираа.

Полска пријави најмалку седум смртни случаи на мигранти во последниот месец.

Министерството за одбрана на Полска објави снимки на која се слушаат дури и деца кои молат да преминат, додека граничарите им велат да се вратат во Белорусија.

И додека Европската Унија се очекува во понеделник да ги прошири санкциите против Белорусија, а Александар Лукашенко се заканува дека ќе го запре протокот на гас кон Европа, ситуацијата на границата е сè уште хаотична. Соседните земји на Белорусија стравуваат дека ситуацијата ќе ескалира до тој степен што ќе прерасне во воен конфликт.

Членките на ЕУ кои се членки и на Советот за безбедност на Обединетите нации ги осудија постапките на Минск, кој наводно транспортира луѓе до границата со Полска.

„Оваа тактика е неприфатлива и бара силна меѓународна реакција и соработка, со цел Белорусија да сноси одговорност. Ова покажува дека режимот на Лукашенко стана закана за регионалната стабилност. Ги повикуваме белоруските власти да престанат со овие нехумани акти и да не го загрозуваат животите на луѓето“, изјави Свен Јургенсон, претставник на Естонија во Обединетите нации.

„Белавија“ им забрани на Сиријците, Ирачаните и Јеменците да се качуваат на летовите од Турција

Белоруската авиокомпанија „Белавија“ соопшти дека на барање на турските власти нема да им дозволи на граѓаните на Ирак, Сирија и Јемен да се качуваат на летови од Турција за Белорусија, која западните земји ја обвинуваат дека превезува мигранти во Европа.

„Во согласност со одлуката на надлежните турски власти, граѓаните на Ирак, Сирија и Јемен од денеска повеќе нема да можат да влегуваат на летовите меѓу Турција и Белорусија“, се вели во соопштението на авиокомпанијата.

Турската воздухопловна управа преку соопштение потврди дека на граѓаните на Ирак, Сирија и Јемен повеќе нема да им биде дозволено да се качуваат на авионите за Белорусија од турските аеродром“, се „до понатамошно известување“. „Белавија“ прифати да ја почитува таквата наредба.

Турција е првата земја што усвои ваква мерка. Истанбул има два меѓународни аеродроми кои се главен центар за воздушниот сообраќај меѓу Блискиот Исток и Европа.