Шведската активистка Грета Тунберг казнета поради протести во Стокхолм

Шведската климатска активистка Грета Тунберг е казнета поради непочитување на полициски наредби за време на еколошки протести во Стокхолм, пишува БиБиСи

Активистката која е обвинета за граѓанска непослушност, треба да плати казна од 6.000 шведски круни (512 евра).

„Не сакав да го напуштам протестот поради климатската вонредна состојба, а во вонредна состојба сите имаме должност да дејствуваме. Сегашните закони ги штитат екстрактивните индустрии наместо да ги штитат луѓето и планетата“, рече 21-годишната Грета Тунберг во судницата и ги отфрли обвиненијата.

Во март, Тунберг учествуваше во серија повеќедневни протести кои вклучија неколку блокади на главниот влез на зградата на шведскиот парламент. На 12 и 14 март полицијата ја отстрани активистката од местото на настанот, откако таа одби да го напушти теренот.

Инаку, движењето „Петоци за иднината“ настана во 2018 година откако Тунберг, која тогаш имаше само 15 години, не одеше во училиште во петок за да организира протест пред шведскиот парламент, држејќи натпис на кој пишуваше „Skolstrejk för klimatet“ („Штрајк на училиштата за климата“).