Сите телефони и електронски уреди мора да имаат ист полнач, одлучи ЕУ

Европската унија одлучи да ги усогласи полначите за електронските уреди на ниво на Европа, пренесува Индипендент.

Новиот договор ќе ги натера компаниите да произведуваат полначи тип „Ц“ и да го променат УСБ портот на сите помали електронски уреди до есента во 2024 година. Истовремено, портовите ќе се усогласуваат и кај лаптопите.

Новата европска одлука значи дека „Епл“ ќе треба да го редизајнира „Ајфонот“ и да го промени полначот кој компанијата го користи во изминатите 10 години. Поголемиот дел од „Андроид“ телефоните веќе функционираат на полнач од типот „Ц“.

Според ЕУ, различните полначи кои се користат од различни компании го зголемуваат нивото на електронски отпад и ги збунуваат потрошувачите.

Според новиот „Блумберг“ извештај, „Епл“ веќе работи на „Ајфон“ кој ќе се полни со „Ц“ полнач. Компанијата веќе ги промени портовите на „Ајпед“ и „Ајфон“ уредите.

Истовремено, се шпекулира дека компанијата ќе ги поттикнува корисниците да ги полнат „Епл“ производите преку бежично полнење.

Од ЕУ истакнаа дека во иднина планирани се и нови промени за стандардизација на бежичните технологии за полнење.

Новата одлука официјално ќе биде одобрена од Европскиот парламент и Европскиот совет по летните одмори, кога одлуката ќе биде објавена во официјалниот весник на ЕУ. Одлуката ќе стапи на сила 20 дена по објавувањето, а новите правила ќе започнат да се воведуваат на пазарот по 24 месеци.

Уредите кои ќе бидат продадени пред есента 2024 година нема да мора да се придржуваат на новите правила.