Прогласени „Европејците на годината“, поединци кои покажале позитивен пример и храброст во општеството

Здравствениот работник Денис Јанкуловски, познат уште како „Космонаутко“, неформалната иницијатива На Точак, младиот писател и активист Александар Матовски-Цако и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ се добитници на наградата „Европејци на годината“.

Неа ја доделува Делегацијата на Европската Унија по повод 9 мај, Денот на Европа, а ја посветува на поединци кои дале придонес кон општеството, донесувајќи позитивни примери, покажувајќи лидерство и храброст и помагајќи им на оние кои имаат потреба.

„Продолжуваме и понатаму секако, посветено и максимално во борбата за што побрзо завршување на оваа криза, на оваа пандемија и конечно бркање на оваа вештерка, a она најубавото што е, да се видиме без маски и со најубавиот гуш и бац“, изјави Јанкуловски по примањето на наградата.

Иницијативата На Точак, пак, ја добија наградата за промовирање на велосипедизмот како начин на транспорт и начин на живот што ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж.

Признанието за истакнати млади активисти го доби Александар Матовски-Цако, кој е писател, водител на радио емисијата „Јас сум Цако“ на Радио МОФ и активист за правата на лицата со посебни потреби. Наместо говор, Матовски ја прими наградата со читање на песна од својата книга.

„Младите честопати се двигатели на многу важни промени и иновации. Тие се осмелуваат да ги преминат границите, понекогаш до чакрата на нивните родители и постарата генерација, но се осмелуваат да ги преминат границите, кршејќи ги стереотипите и докажувајќи дека невозможното е возможно“, рече амбасадорот на Европската Унија Ричард Гир.

Посебно признание за солидарност доби Борче Стаменов од Кавадарци за неговата иницијатива „Донирај компјутер“. Тој неколку години наназад се грижи секое семејство во Северна Македонија да поседува барем еден компјутер. Во својот говор истакна дека и понатаму ќе продолжи во остварување на оваа визија.