[Став] Макроновата политичка заедница: Спас за Европа

И фудбалската репрезентација на Македонија се избори за настап на Европското првенство преку Лигата на нации, а не преку редовниот квалификациски циклус.

Во првите недели на мај, старо-новиот француски Претседател, Емануел Макрон ја претстави својата идеја за формирање на т.н. ,,Европска политичка заедница“ во која членство би зеле сите држави – членки на Европската унија, како и државите со амбиции за влез во ЕУ, како Македонија, Албанија, Србија, Украина, Грузија, Молдавија и поранешната членка, Велика Британија.

Овој предлог на Макрон, може да се каже дека е резултат на инвазијата од страна на Русија спрема Украина, со главна цел безбедност на ЕУ. Желбата и ставот на официјален Киев за членство во Унијата се јасни, но исто така јасен е и фактот дека Украина нема да може да стане членка на ЕУ ,,преку ноќ“.

Поради ова, а и поради состојбата во Украина, и јасниот став на ЕУ дека нема да можат преку ред да станат дел од ЕУ, а од друга страна желбата да се помогне на Украина од страна на ЕУ и водечките држави во Европа, се појавува идејата за создавање на оваа нова заедница.

Доколку се враќаме наназад во историјата, идејата за создавање на ваков сојуз и не е така нова. Корените на ваквиот предлог за прв пат ги среќаваме повторно во Франција, односно за време на владеењето на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран кој се обидел да направи еден ваков сојуз во периодот на распаѓањето на Советскиот Сојуз.

Накратко, оваа идеја не се видела како успешна, најмногу од причината дека било планирано и Русија да стане дел од овој сојуз. Денес состојбата е далеку поразлична.

Зошто ваквата идеја?

Желбата за помош спрема Украина од страна на официјален Париз е јасна, но сепак и сите во Европската унија се свесни дека за да стане Украина дел од ЕУ треба да помине пеколен пат. Како што и Макрон изјави, ,,ќе бидат потребни „децении“ за кандидат како Украина да се приклучи на ЕУ и предложи изградба на поширока политичка заедница на демократски држави околу Унијата“.

Паралелно на ова, Макрон вели и дека новата европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации со амбиции да станат рамноправни членки во ЕУ да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата, движењето на луѓето.

Што би требало да значи Европската политичка заедница?

Најпрво мора на сите да ни биде јасно дека Европската политичка заедница ниту одблиску не значи членство во Европската унија. Ова јасно го изјави и самиот Макрон при соопштувањето на оваа идеја.

Со нападите од Русија спрема Украина, безбедноста на ниво на цела Европа е доста разнишана. Со создавањето на ваквиот сојуз, планирано е да се зголеми соработката помеѓу државите членки на ЕУ со државите што се на „листата на чекање“. Мора да се нагласи дека оваа идеја наиде на одобрување од Европскиот совет како и во целост од ЕУ.

Претходно споменатата идеја на Макрон, наиде на одобрување од страна на ЕУ, особено од страна на Шарл Мишел, Претседателот на Европскиот Совет. Тој јавно истакнува ,,Ќе предложам одржување на конференција во текот или по летото на која би се состанале лидерите на ЕУ членките и партнерските земји за да дискутираме конкретни опциицелта е да се зближи и продлабочи оперативната соработка за справување со заедничките предизвици, мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот континент“.

Ова можеме да го заклучиме и преку посетата на Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Белград, каде што таму при средбите со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, Мишел отворено ја повика Србија да стане дел од оваа нова заедница.

Интересно во сето ова е тоа што овој предлог од страна на Претседателот на Србија наиде на одобрување и испрати порака дека ,,може да сметаат на членството на Србија“ во неа. Дали со овој потег Србија полека ја менува страната и и ,,врти грб“ на Русија, останува да видиме во следниот период.

Поделени мислења во македонската јавност

Тоа што можеме да го забележиме периодов во врска со членството на Македонија во оваа заедница е дека, како и за се останато, постојат поделени мислења дали е добро или не да сме дел од овој пакет.

Според лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски, поканата за членство во оваа заедница треба во целост да ја отфрлиме, бидејќи како што и самиот со фудбалски жаргон, вели дека не треба да се задоволиме со ,,Втора лига“, туку местото ни е директно во елитата. Според него, ,,Македонија треба да бидете во првата петторка , а не во втора лига. Историски гледано, а и во поновата историја Македонија направи повеќе за европските вредности од било кој друг кандидат за член. Прво бевме спречени од нашиот јужен сосед и тука тапкавме во место со децении, за да сега имаме уште поглупаво барање од нашиот источен сосед . Редно време е Европа е да ги исполни своите ветувања“.

Од друга страна, Премиерот на Македонија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски кој е доста резервиран на оваа тема, вели дека членството во овој сојуз нема да ги развлече преговорите за влез во ЕУ, туку може да биде од полза за нас како држава со амбиции да стане дел од ЕУ. Според него, ,,новата геополитичка ситуација во светот и во Европа особено со оглед на војната која што се води во Украина по агресијата на Русија, секако дека налага ЕУ како најголема заедница на држави во Европа да го размислува својот понатамошен развој, но, сепак, во Европската Унија постои процесот на проширување во кој што процес ние сме дел“.

Кога станува збор за Македонија, ние како држава со аспирации за членство во ЕУ не смееме да ја пропуштиме оваа шанса да бидеме дел од оваа заедница и преку неа да ни се олесни патот кон ЕУ. Можноста да се седи рамо до рамо со најголемите европски сили и да се одлучува за мирот и стабилноста во Европа не смееме никако да ја пропуштиме.

Во моментов ние како мала држава не смееме да ја гледаме Европската геополитичка заедница како „втора лига”, и што е можно побрзо треба да прифатиме да бидеме дел од неа. Подобро членови во „втора лига” отколку воопшто никаде да не постоиме на политички план во Европа. Понекогаш и споредните патишта можат да не доведат до главната цел.

И фудбалската репрезентација на Македонија настапи на Европското првенство, но за своето место се избори преку Лигата на нации, а не преку редовниот квалификациски циклус.

Димитар Христов 

Димитар Христов е дипломиран политиколог, и студент на постдипломски студии на насоката ,,Применета политика и политички систем“ при Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ