Протести и нереди низ Италија поради новите мерки против коронавирусот

Во повеќе градови низ Италија синоќа се одржаа протести против новите рестрикции за спречување на ширење на Ковид-19.

Според локалните медиуми во Милано и Торино избиле немири и се случиле судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако врз безбедносните сили биле фрлени молотови коктели.

Во Милано граѓаните извикувале „Слобода, слобода!“, додека полицијата употребила солзавец за да ги разбие демонстрациите. Повеќе луксузни продавници во центарот на Торино пак биле искршени и ограбени, пренесе Би-Би-Си.

Протестите се организираа кратко по усвојувањето на новите владини мерки со кои рестораните и кафулињата ќе работаат до 18 часот, а целосно се затвораат теретаните, базените, театрите и кино салите.

Повеќе региони истовремено воспоставија и ноќни полициски часови, вклучувајќи ја и Ломбардија и Пиемон, каде се наоѓаат Милано и Торино. За насилството на протестите беа обвинети провокатори, додека полицијата соопшти дека 28 луѓе биле уапсени само во Милано.

Протести се одржаа и во повеќе други градови низ земјата, како Рим, Неапол, Џенова и Палермо. Таксистите го блокираа централниот плоштад во Торино, додека сопствениците на ресторани чукаа на тенџериња во центарот на Кремона.

Додека националниот карантин на почетокот на годинава не наиде на никаков отпор од граѓаните, соопштувањето на новите мерки ги разлутија граѓаните. Сопствениците на мали бизниси велат дека сè уште се опоравуваат од последиците кои врз економијата ги предизвика првиот бран на Ковид-19, додавајќи дека нови рестрикции можат да ги доведат до банкрот.