Промоција на стихозбирката „Карпа во морето“ од Павлина Атанасова

„Карпа во морето“ е новата стихозбирка од авторката Павлина Атанасова што ќе биде промовирана утре (25 мај) на платото пред Младинскиот културен центар – Скопје.

„Поезијата на Павлина Атанасова е од тие што ве тераат и вие да пишувате. Сликите создаваат слики, ритамот – ритам. Спокојно му е на читателот во нејзините соништа и во нејзините води. Сè поретко ми се случува, како што сега ми се случува, тоа што ќе го прочитам да ме остави со чувство на смисла“, пишува поетот Ѓоко Здравески за книгата.

Настанот ќе започне во 20 часот, а промотор е Јулијана Величковска

Павлина Атанасова пишува поезија и кратки раскази. Авторка е на поетската книга „Големата прегратка“, што беше во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“. Настапила и на неколку поетски читања и поетски фестивали низ Македонија. Нејзината поезија е застапена во неколку избори и зборници, а редовно се појавува и во периодиката. Нејзини песни се препеани на српски, на хрватски, на албански и на турски јазик.